Димовски: Првпат имаме Влада без претставник на ниту една од помалите етнички заедници

25

Првпат во македонската Влада нема ниту еден министер Турчин, Ром, Србин, Влав или Бошњак, вели поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, и додава дека ова е и еден од поголемите ризици за политичката иднина на државата.

„Македонија доби бинационална Влада. Првпат после децении, Република Македонија доби Влада во која членуваат само министри Македонци и Албанци“,
напиша поранешниот пратеник на Фејсбук.

Тој појаснува дека според пописот во 2002 година, кој е и последен попис, околу 10 отсто од граѓаните во земјава се припадници на помалите етнички малцински заедници, но треба да се има предвид нивното значење во градењето на државата, кое е забележливо уште од првото заседание на АСНОМ.

„Овие етнички малцински заедници секогаш и секаде биле горди и лојални граѓани на Република Македонија. Жалам што овој елемент на суштинска слабост на Владата, или намерна поставеност, не доби на поголемо внимание минатите денови. Партиите на помалите етнички заедници кои и понатаму, во вакви околности, ќе останат во лојална коалиција со СДСМ докажуваат дека имаат дефицит на политичка сила за вистинско застапување на своите членови и гласачи“, вели Димовски.

Според него, од висок државен интерес е ВМРО-ДПМНЕ да понуди политичка платформа за интеграција на интересите на граѓаните припадници на помалите етнички заедници кон својата борба за еднакви права на сите граѓани, а со тоа и зачувување на унитарниот карактер на државата и мултикултурниот карактер на општеството.

„СДСМ докажа дека нема никаков политички интерес и капацитет да работи за интересите на помалите етнички малцинства бидејќи се однесува кон Македонија вака како што покажува кога е на власт. ДУИ докажува дека не ги ни забележува дека постојат овие 10 отсто од наши сограѓани“, додаде тој.