Директорката на Заводот во Демир Капија: Илче беше добар, си јадеше, неговата смрт нѐ изненади сите

11

Утрово, Основното јавно обвинителство соопши дека синоќа починал 11-годишниот Илче, штитеник на Специјаниот завод Демир Капија.

Илче, кој имаше ретка дијагноза, долго време живеел без родителска грижа во Охрид, а според изјава на директорката на Центарот за социјални работи Охрид, не бил искапен една година, со недели не јадел ништо повеќе од чаша млеко дневно, а неподвижен и беспомошнен лежел на чергиче во една соба во куќа.

Директорката на Заводот, Александа Велковска во изјава за „Фокус“ вели дека смртта на Илче ги изненадила сите.

– Беше во стабилна здравствена состојба, си јадеше, вчера попладне ненадејно почина. Кои се причините за смртта е неблагодарно да нагаѓам, обдукцијата ќе покаже од што почина, вели Велковска.

И од Министерството за труд и социјална политика велат дека детето починало ненадејно и дека неговото тело ќе биде дадено за обдукција.

-Со жалење информираме дека единаесетгодишниот И.В. синоќа ненадејно почина во Групниот дом при Специјалниот завод Демир Капија, во село Корешница, Општина Демир Капија. Детето беше примено во Групниот дом на 7 август оваа година. Неговата здравствена состојба изминатиов период беше стабилна и постојано беше под надзор на стручни лица. Смртта синоќа настапила ненадејно и по налог на Јавен обвинител телото е предадено на обдукција, велат од Министерството.