Дисингер се враќа, Вардар нема причини да не оди на победа против Кјелце

17

Штом осамна денот за натпревар, веројатно нема веќе простор за одложувања и скршнување од планот, така што Вардар е подготвен да го одигра својот четврти меч во новата сезона од Лигата на шампионите, иако во тек е седмото коло. По три одложени средби и по еден резултат од сите три можни, денеска од 18:45, против Кјелце, црвено-црните ќе продолжат да ги пробиваат своите лимити.

Кјелце влегува како голем фаворит во денешниот натпревар, згора на тоа како лидер во групата, но во таква улога дојде и Фленсбург, па „ја свитка опашката“. Полјаците имаат пораз само од Фленсбург и тоа во првото коло и оттогаш имаат одлична серија, која малку стагнираше на 29 октомври, со ремито во Порто.

И Вардар одигра нерешено со Португалците, една недела предходно, меѓутоа тогаш и тренерот Стевче Алушовски и оние што го гледаа натпреварот, видоа дека Вардар покажа недостатоци и може подобро од тоа. Една од маните беше кусокот на шутеви/голови од далечина, во ситуација кога Кристијан Дисингер беше повреден.

Германскиот лев бек се врати и се наоѓа денеска во вардаровата постава, како единствена промена во однос на тој дуел. Го зазеде местото на Марко Кизиќ, па сега Стевче Алушовски ќе има двајца голмани на располагање, Ристовски и Кантегрел.

Вардаровиот тренер информира и дека Талески и Јотиќ имале проблеми со мали повреди во периодов резервиран за репрезентациите, но ги надминале, па ќе бидат подготвени да придонесат. Важен ќе биде уделот на секого како во нападот, така и во одбраната, бидејќи Кјелце е тим кој постигнува многу голови и има широк офанзивен репертоар. Згора на тоа, најсилни оружја во не го се Игор Карачиќ и Алекс Душебаев, кои, горе-долу, знаат како се размислува во Вардар, иако овој тим е различен од оние со кои тие играа.

Тимур Дибиров изјави дека мечевите меѓу Вардар и Кјелце се ракометна класика и навистина е така ако се погледне минатото. Од 2015 година наваму двете екипи се соочиле десет пати. Вардар победи трипати, Кјелце шест пати, а последниот меч во Скопје, во ноември минатата година заврши 28-28.