Дискурсот на омраза

99

Оваа година, чествувањето на потпишувањето на Охридскиот рамковен договор се одбележа со голем концерт организиран од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Сиот овој напор беше цел на секакво исмејување од македонската јавност, за на крај да имат легитимна причина за критика: исвиркување од некои будали во публиката кога водителката почнала да зборува на македонски јазик

Од Риљинд Даути

Го пишувам ова во неверување дека такво нешто не е објавено во Миленкова Дудинка туку во мејнстрим портал и тоа со либерална ориентација. Колумна со заканувачки наслов кон цел еден народ („Што ги чека Албанците?“), која почнува со карикирање на албанскиот јазик („Куку нонееее!“), со крајно расистички проценки („простачкиот менталитет и расипаниот албански генетски код“)… Ова и многу друго не е објавено во некој неважен портал кој стопати сменил УРЛ и со анонимен администратор, туку во мејнстрим портал, со импресум, и со уредник добро познат во јавноста кој важи за бард на македонското новинарство.

Во јавниот дискурс во Северна Македонија е веќе нормализирано да се кажат некои познати клишеа против Албанците, некогаш притаено и индиректно со други зборови, некогаш директно. Нпр. дека тие се во спрега со Западот за уривање на македонската држава, дека не плаќат данок и струја, дека се криминоген народ (да бе другите народи немаат потреба од полиција и судство бидејќи тие немат ништо погрешно во „генетскиот код“!), дека на политичарите етнички Албанци (како „Бугар“ Османи) не може да им се верува,… Кога кон Албанците не се удира со такви „аргументи“, се открива антиалбанската пристрасност преку двојни аршини. Нпр. во Охрид врие од дивоградби, но медиумите на македонски јазик запнале само кај тие на Нефи Усеини небаре само тој го „поплавил“ Охрид со дивоградби.

Горенаведената колумна на македонски јазик отворениот шовинизам кон Албанците го носи на уште пониско ниво, но барем не толку ниско кое е карактеристично за „Српскиот свет“, со медиумите на српски јазик со наслови од типот „Шиптарска посла“, со српското Министерство за одбрана која на официјалната веб страна го користи зборот „Шиптари“, со министерот Александар Вулин кој редовно го користи тој збор, а тоа го правеше и покојниот патријарх на СПЦ. Истото може да се најде и кај политичарите Срби во Црна Гора, како и кај Србите во Босна и Херцеговина кои никогаш во живот не сретнале еден Албанец но сепак знаат дека се лоши Шиптари, и тој збор го користи српскиот член на претседалството на БиХ, Додик. Сепак, таа колумна од македонска авторка е на слично рамниште со изјавата на премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, со нејзината оценка за Албанците „како да излегле од шумата“, кое влечи корени од времето кога Белград се обидел да ја убеди Европа дека Албанците се „луѓе со опашка“ штотуку слезени од гранки.

Странски набљудувачи би можеле да помислат дека шовинистичкиот дискурс кон Албанците е карактеристичен за маргинални, крајно десничарски партии, но оние би билe крајно изненадени кога би дознале дека на Балканот можеш да најдеш лица со либерални мислења за се: правата на жените, трансродовите лица, благосостојбата на животните, и нивната великодушност дури излегува далеку од границите на нивната држава па им даваат јавна поддршка на Црнците во САД, но кога станува збор за одредени луѓе, како Албанците, овие балкански либералци знаат да станат шовинисти од најгрд тип.

Се на се, во јавниот дискурс во некои земји на Балканот, против Албанците се користи речник како да станува збор за СР Србија и СР Македонија од осумдесетите години од минатиот век а не за доба длабоко навлезено во 21 век.

Од сето кажано не треба да се извлече заклучок дека Албанците не се склони кон омраза кон другите.

Во ова смисла треба да се напомене дека милиони Албанци со децении биле цел на дискриминација, маргинализација, протерување, се до физичко истребување, и во одредени држави продолжува нивното неправедно третирање. Во такви услови, одбранбениот меканизам на Албанците понекогаш имал извесен шовинизам кон другите народи. Сепак, вакви мислења генерално остануваат во собите на приватните куќи и маалските чајџилници каде врие од муабети за политика, а не се пласираат во јавноста. На пример, и покрај се што Албанците во Косово истрпиле од српските држави од Берлинскиот конгрес, Првата балканска војна, Ранковиќевиот апарат за присилно иселување во Турција, па се до Милошевиќ во скорашната 1999-а година, сепак денес нема да најдеш мејнстрим медиум и политичар во Косово кој јавно користи пежоративи за Србите како што српските медиуми и политичари редовно удираат по Шиптарите.

Во Северна Македонија, „Тиранската платформа“ стана плашило интензивно користено од македонски политичари и медиуми, која потикна уште поголема албанофобија од „редовната“. Сепак, и покрај константната грда пропаганда, политичарите Албанци останаа воздржани, и за ова Зоран Заев дури ги фалеше од собраниската говорница.

Единствен „кикс“ од политичар Албанец, е една изјава од Зијадин Села при една жешка телевизиска дебата со Стојанче Ангелов, за тоа како во минатото немало Македонци. Но оттогаш па наваму, никогаш не повторил такво нешто, а дури и изразил поддршка на идејата Бугарија да признае македонско малцинство таму.

Кога сме кај Албанците во денешна Република Албанија, во 1912-13 при Првата балканска војна, и оние трпиле големи злодела од кралствата на Црна Гора, Србија, и Грција, но Албанците имаат кратка памет и затоа кај тие во денешна Република Албанија тоа не е причина за некаков анимозитет кон нив. Но, од солидарност со Албанците кои паднале под власта на овие држави и многу децении подоцна трпиле се и сешто, и кај мал број Албанци во денешна Република Албанија може да се најдат негативни мислења за народите кои ги сочинуваат трите горенаведени држави. Но сепак, албанските јавни лица остануваат воздржани во нивните настапи и писанија. Дури и претставниците на Чамите се крајно воздржани па зборуваат против Наполеон Зерва и неговите чети, но од нив нема да слушнеш ни еден збор против грчкиот народ.

Пред неколку години тогашниот МНР Дитмир Бушати, и премиерот на Република Албанија Еди Рама, беа на удар на македонската јавност и организациите на Македонците во Република Албанија поради користење на терминот „Славомакедонци“. Сигурен сум дека ова не било злонамерно од нив, бидејќи во Република Албанија „Македонец“ е регионален назив кој ги вклучува и Албанците во Северна Македонија, а „Славомакедонци“ се користи за да се прави разлика со словенското население кое се идентификува како Македонци во етно-национална смисла на зборот. Но, никој Албанец не смее да им каже на Македонците како може другите да ги наречат, затоа, горенаведените албански политичари не ја повторија грешката, и јас кој го објаснив контекстот на нивното користење на „Славомакедонци“ сум против користење на тој термин и драго ми е што и албанските познати лица не го користат, притоа солејќи им памет на Македонците зошто тој збор „всушност“ не е навредлив.

Но ова не може да се каже кога на Балканот другите ги нарекуваат Албанците „Шиптари“, бидејќи има политичари, универзитетски професори, и обични луѓе, кои инсистираат да велат Шиптари бидејќи „тие сами така се нарекуваат себеси“. Ова е еден мизерен претекст. Ако Албанците ги нарекуваш Шиптари бидејќи „тие сами така се нарекуваат себеси“, тогаш зошто ги нарекуваш „Германци“ наместо „Дојчи“ бидејќи Дојч е како тој народ се нарекува себеси? Зошто ги нарекуваш „Грузијци“ наместо Картвелеби како оние се нарекуваат себеси?

Оваа година, чествувањето на потпишувањето на Охридскиот рамковен договор се одбележа со голем концерт организиран од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Сиот овој напор беше цел на секакво исмејување од македонската јавност, за на крај да имат легитимна причина за критика: исвиркување од некои будали во публиката кога водителката почнала да зборува на македонски јазик. Ова е срамно однесување кое заслужува осуда. Исто така заслужуват осуда хулиганите во спортските натпревари кои користат вулгарности против Македонците. Но дали краткото исвиркување во гораневедениот концерт, како и вулгарностите кои се карактеристика за сите навивачки групи во светот, може да се споредат во сериозност со македонските навивачки групи кои скандираат желба за смрт на Шиптарите преку гасни комори? Зошто им е толку тешко на македонските клубови да се оградат од, а македонските политичари, општественици, медиуми, и др., јасно да осудат, такви екстремни скандирања?

Пред да резимирам, има една работа за која еднакво сите сме виновни во Балканот, а тоа се картите со зголемени верзии на сегашните држави (за чија тема сум објавил колумна). Санстефанска Бугарија која се протега се до Корча, грчката Мегали Идеа која ја вклучува Валона каде е прогласена независна Албанија, Драч како „српско приморје“, и Македонија која го вклучува Поградец, Качаник, и други територии во Република Албанија и Косово. Ниедна од овие карти не ги вознемирува Албанците. Причината не е тоа што самите Албанци имаат такви претензии кон соседите па затоа немат право да се лутат, туку бидејќи такви карти се само пусти соништа кои никогаш нема да се остварат, а во сегашноста не прават никаква разлика. Затоа, такви карти не ги сметам за говор на омраза туку најмногу можам да ги сметам за симпатична провокација. Меѓутоа, користењето пежоративни термини, стереотипизацијата, и сл., се работи кои будат омраза кај голем број луѓе и водат до конкретни последици за другите кои се цел на таков говор.

Горенаведените големи карти се базирани врз наводни „историски вистини“. Токму такви вистини се користат за на простиот говор на омраза да му се даде доза на кредибилност. На пример, во колумната спомната на почетокот на текстот, авторката ги спомнува злоделата на Мефаиловци и Џемовци, но останува недоследна со тоа што не ги спомнува, нпр. титовите партизани во Шеснаесетта македонска бригада и нивниот масакр во Блаце кога убија 111 недолжни Албанци, или пак Монополот, кој е во Тетово на авторката, каде стотици (според други автори: илјадници) Албанци се убиени со преките судови, или дури и без нив! Ова колку за доказ дека не може да се гледа историјата низ упростена црно бела визура. Особено не, во денешно време да им се понудат на младите генерации еднострани видувања и да се трујат со застарени клишеа.

Напишаново овде е за политичарите, академската фела, и политичките коментатори, при нивните писанија и интервјуа по традиционалните медиуми и порталите. Но не треба да се запостават и социјалните мрежи каде секој може да објави се што му текнува и говорот на омраза има слаб механизам на контрола бидејќи Фејсбук и другите мрежи немат ангажирано доволен број неутрални модератори кои ги разбират јазиците други од англискиот. Но и на Фејсбук, омразата од обичните луѓе би била многу помала ако немаше кој од познатите лица да ги „научи“ преку мејнстрим медиумите. А колумната на госпоѓата која беше повод за овој напис, е доказ дека и познатите лица кои ги искажуваат ставовите преку етаблирани медиуми, имаат сеуште многу да научат што може а што не може да се каже во јавниот дискурс.