Додека ВМРО-ДПМНЕ пробува да состави влада, и СДСМ се подготвува за нов мандат на Илинденска

32

Преспанскиот договор, кој ВМРО-ДПМНЕ го критикува индиректно и во денешната реакција контра СДСМ, кој, пак, ги најавува политиките на идната влада, е една од „црвените линии“ што ги постави ДУИ во однос на формирањето на новото парламентарно мнозинство за избор на владиниот кабинет

Новата влада што ќе ја формира СДСМ ќе продолжи по патот на напредокот, демократијата, правдата, владеење на правото, се наведува во соопштението што досега владејачката партија го испрати утринава, во очекување да се одржи конститутивната седница на новиот парламент, за и формално да почнат преговорите меѓу партиите за состав на новиот владин кабинет.

„Продолжува грижата за здравјето на граѓаните и борбата со глобалната пандемија. Со нови мерки и политики продолжува концептот парите назад кај граѓаните, раст на платите, раст на пензиите и грижа за сите, како и за најранливите категории граѓани. Со поддршка на граѓаните и победата на изборите, СДСМ продолжува да ја движи земјата напред, по вистинскиот пат што го започна пред три години“, се наведува во денешното соопштение на СДСМ.

Претставници на ВМРО-ДПМНЕ, пак, синоќа го информираа евроамбасадорот во Скопје, Самуел Жбогар, дека досега опозициската партија се обидува да ја формира новата влада откако освои 44 мандати на парламентарните избори или два мандати помалку од коалицијата предводена од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ со порака до евроамбасадорот Жбогар: Правиме напори да составиме влада

Од ВМРО-ДПМНЕ претпладнево брзо реагираа на соопштението во кое СДСМ ги навестува политиките на идната влада.

„Со влада на СДСМ, Македонија не може да се движи во добра насока. Тоа го увидоа и граѓаните во овој нивен мандат. Единствено што успее владата на СДСМ да направи во овие три години е да го променат името на државата и да го понижат македонскиот народ. Кога станува збор за СДСМ, не може да не се заборави и високото ниво на криминал и корупција кое се исполни благодарение на нив“, се посочува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Преспанскиот договор што ВМРО-ДПМНЕ го критикува индиректно и во оваа реакција контра СДСМ, од друга страна, е една од „црвените линии“ што ги постави ДУИ во однос на коалицирањето за состав на идната влада.

Ахмети за МИА: Црвени линии за постизборно коалицирање се Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија

Во изминатите денови од ДУИ, исто така во неколку наврати, посочија дека претендираат на обновување на досегашното партнерство со СДСМ во Владата.

Груби отфрла можност за коалиција на ДУИ со Левица: со кого Мицкоски би составувал влада?

Коалицијата на СДСМ и ДУИ (која освои 15 мандати на изборите на 15 јули) моментно имаат точно 61 пратеник, што е на работ на неопходниот кворум (61) за формирање парламентарно мнозинство.

Од четвртата политичка сила на овие избори – коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива (12 мандати), пак, засега отфрлаат можност за евентуално коалицирање со ДУИ, која ја обвинуваат за изборен грабеж.