Докторот Драган Спасески-Охридски ја загуби битката со ковид-19

18

Од ковид-19 по кратко боледување вчера почина познатиот охридски доктор-специјалист, ортопедски хирург и сестран уметник Драган Спасески-Охридски. Имаше 60 години. Спасески-Охридски ја изгуби битката со опасниот вирус во болницата „8 Септември“ во Скопје каде итно беше префрлен откако му се влошила состојбата во Охридската болница.

Драган Спасески-Охридски беше истакнат и ценет доктор во Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид. Колегите и пациентите ќе го паметат како исклучителен професионалец, вреден и посветен лекар, кој зрачеше со алтруизам.

„Самопожртвувано, низ секојдневна клиничка пракса им помагаше на пациентите, а со својот позитивен лик, енергичност и сестраност секогаш беше тука и за колегите, за професионална дискусија, личен разговор, совет и поддршка“, велат од болницата.

Спасески-Охридски ќе остане запаметен и по неговиот општествен, хуманитарен ангажман како и по неговата пасија за уметноста, особено сликарството и поезијата. Минатата година во катедралната црква „Света Софија“, го одбележа тридецениот творечки јубилеј на фестивалската сцена на Охридско лето, со мултимедијалниот проект „Спокоен сум ко врвот… Не прашувам зошто сум се извишил“.

Беше голем вљубеник на Охрид од каде ја црпеше својата творечка енергија.

„Припаѓам само на Охрид. Само овде можам да творам. Има премногу креативна енергија. Овде сум го нашол духовниот мир. Јас припаѓам на Охрид, и затоа и моето уметничко име не случајно е Охридски“, велеше познатиот и признат лекар, но и врвен уметник Спасески-Охридски, кој беше семеен човек и посветен сопруг и татко.

Д-р Драган Спасески-Охридски, ќе биде погребан денеска во 13.30 часот на градските гробишта во Охрид, во согласност со ковид протоколите.