Доктор Мирослав Бошковски донираше крвна плазма за пациент заболен од Ковид-19

40

Доктор Мирослав Бошковски, матичен лекар во Приватата здравствена установа во Куманово, донираше крвна плазма за четириесетгодишниот пациент од Ресен, позитивен на коронавирусот. Бошковски, кој и самиот го прележал вирусот, по апелот за помош кој што се споделуваше на социјалните мрежи, се пријавил за донирање и да спаси живот.

„Знаејќи дека сум крвна група Б+ и оздравен од Ковид19, претседателката на Лекарската комора д-р Старделова ми го испрати апелот за донирање плазма кој се ширел неколку часа по социјалните мрежи. Веднаш почнавме да се јавуваме на сите назначени телефони и стапив во контакт со семејството на пациентот и д-р Грубовиќ од Институтот за Трансфузиологија и веднаш се започна со правење на сите анализи кои недостигаа. Утрово веќе беше издвоена крвна плазма и се надевам дека веќе е доставена во ГОБ “8ми септември”, изјави доктор Бошковски.

Тој апелира до сите колеги и до сите граѓани кои прележале Ковид-19 веднаш по истекот на минималниот период од оздравувањето веднаш да се пријават за донирање, особено поради фактот што тоа е периодот кога заштитните антитела имаат највисок титар.

„Бев меѓу првите заразени здравствени работници од Куманово. Прележав Ковид-19 со средно тешка клиничка слика, но не беше ни најмалку наивна состојбата, 17 дена бев хоспитализиран на инфективното одделение во ОБ Куманово. Штом помина минималниот задолжителен период од оздравувањето се пријавив во регистарот за донирање рековалесцентна плазма, пред околу 10 дена, но не беа сите анализи завршени за да можам веднаш да донирам“, раскажува доктор Бошковски.

Овој млад лекар, 11 години работи како матичен лекар во ПЗУ „Доктор Горан Денковски” во Куманово и пет години специјализира интерна медицина. Бошковски е претседател на ОО Куманово на Лекарската Комора на РСМ.

НОВА го запозна и објави сторија за д-р Мирослав Бошковски во 2013 година, кога како многу млад, совесен и хуман лекар во својата ординација за само два месеца откри 20 случаи со бактерија легионела и веднаш ги алармираше епидемиолозите, по што се отвори проблемот со опасната бактерија во Куманово.