Доналд и Меланија Трамп утре заминуваат од Белата куќа: Првата дама објави проштална порака

32

Белата куќа утре ќе добие нови станари. Џо и Џил Бајден, а од неа ќе заминат Доналд и Меланија Трамп, која како досегашна прва дама на САД, објави и проштална порака до американската нација во која вели дека ѝ било најголема чест што ја имала таа улога.

„Ме инспирираа неверојатните Американци ширум нашата земја кои ги градеа нашите заедници со својата љубезност и храброст, со добрина и грациозност. Изминатите четири години беа незаборавни. Сега кога Доналд и јас го завршуваме времето во Белата куќа, мислам на сите луѓе што ги примив во моето срце и на нивните неверојатни приказни за љубов, патриотизам и решителност“,
наведува Меланија Трамп.

Дел од своето обраќање таа посветува и на здравствените работници и пандемијата и им се заблагодарува што спасуваат животи, а изрази и сочувство со семејствата на жртвите на коронавирусот.

Досегашната прва дама во видеото наведува и дека нејзината страст за помагање била двигателот за нејзината политичка иницијатива како прва дама.

„Ја почнав иницијативата ’Биди најдобар‘ за да се осигурам дека ние Американците правиме сè што е во нашата моќ да се грижиме за следната генерација. ’Биди најдобар‘ се фокусираше на три столба: благосостојба, безбедност на Интернетот и злоупотреба на опиоидите“,

потсетува првата дама за нејзината иницијатива.
Збогувајќи се, таа на крајот повторно му се заблагодарува на американскиот народ наведувајќи дека нема зборови кои можат да ја изразат длабочината на нејзината благодарност за привилегијата да биде прва дама на САД.

Утре треба да се случи инаугурацијата на Џо Бајден, кој потоа со неговата сопруга ќе се вселат во Белата куќа. Утре, се очекува Доналд и Меланија Трамп за последен пат да го искористат претседателскиот авион и со него да заминат за Флорида, во нивната приватна резиденција Мар-а-Лаго, каде, како што јавуваат американските медиуми, ќе продолжи да живее како жител на Флорида. Трамп имаше жителство од Њујорк кога стапи на функцијата во јануари 2017 година.

Трамп заминува со многу низок рејтинг после нередите што ги остави зад себе во Вашингтон на 6 јануари. Според последната анкета на „Квинипиак“, популарноста на претседателот е намалена до 33 отсто, пад за повеќе од 10 проценти споредено со декември 2020 година. Со ова, тој ќе остане запаметен како еден од ретките претседатели во историјата со толку низок рејтинг при крајот на првиот мандат.

Вчера, Си-ен-ен, повикувајќи се на свое истражување јави дека и првата дама ќе ја напушти Белата куќа со најмала популарност од почетокот на нејзиниот мандат. Од февруари 2016 година, кога почна следењето на нејзиниот рејтинг во јавноста, таа сега има најмала популарност, па 42 проценти од испитаниците изјавиле дека имаат позитивен став за неа, 12 проценти не се сигурни, а дури 47 проценти имаат негативен став. Таа имаше најголем рејтинг во мај 2018 година – 57 проценти, што се совпадна со првата официјална вечера и нејзиното присуство на погребот на поранешната прва дама Барбара Буш во Тексас.