Донатор на СДСМ влегол во бизнисот со медицинска марихуана

74

Кумановската компанија „Делукс Ауто“, која се јавува како донатор на СДСМ во 2016 година и оттогаш склучи неколку договори за јавна набавкa со државни институции, влегла во бизнисот со производство на медицинска марихуана. Како што пишува најновиот број на неделникот Фокус, станува збор за компанијата „Мар Медика“, формирана кон крајот на минатата 2018 година со седиште во Куманово за производство и преработка на канабис за медицински потреби.

Според Централниот регистар, оваа компанија е во сопственост на две други кумановски компании, при што едната е „Квалитет-Пром“ на Тони Каранфиловски, додека втората е „УПМ-ГРУП“, која, пак, е во сопственост на компанијата „Делукс Ауто“.Инаку, сопственик „Делукс Ауто“ е Бобан Спасовски, кој ни изјави дека „Мар Медика“ се уште не поднела барање за одобрение за одгледување на медицински канабис, но, нагласи тој, инвестицијата е во тек.

–Со појавувањето на голем интерес меѓу компаниите во Македонија за одгледување на канабис за медицински цели, се појави интерес и кај нас, па одлучивме да ги здружиме нашите капацитети – финансиски, интелектуални, менаџерски, искуствени, во отворање на заедничка компанија – објаснува Спасовски.

Неговата „Делукс Ауто“ се јавува во извештајот на донатори на СДСМ за 2016 година, доставен до Државниот завод за ревизија и други надлежни органи, каде се наведува дека компанијата донирала околу 7.000 денари, во форма на попуст на услуги. Веќе во следната 2017 година, „Делукс Ауто“ склучи договор со Министерството за внатрешни работи за набавка на 45 автомобили од марката „шкода“ со средства донирани од чешката влада, без притоа, како што пишуваа медиумите, да има јавно наддавање со други компании, туку по пат на непосредна спогодба.

Оттогаш, според податоците од Бирото за јавни набавки, компанијата на Спасовски склучила договори за набавка на возила со неколку државни институции, меѓу кои повторно фигурира МВР (153.000 евра), но и со Царинската управа (325.000 евра), Централниот регистар (135.000 евра) итн.