Донесена пресуда: Бил Козби виновен за сексуален напад

13

Судот во американската сојузна држава Калифорнија одлучи во граѓанска тужба дека актерот Бил Козби сексуално ја нападнал Џуди Хут (сега 64), во вилата Плејбој во Лос Анџелес во 1975 година, кога била тинејџерка, и му нареди на комичарот да ѝ исплати 500.000 долари како компензација за душевна болка поради инцидентот.

Џуди Хут сведочеше дека Козби (84) ја поканил неа и еден пријател во вилата кога таа имала 16, а тој 37 и ја принудил на секс, пренесува „Танјуг“, повикувајќи се на „Ројтерс“.

Пресудата беше донесена речиси една година по ослободувањето на актерот од затвор, кога Врховниот суд на Пенсилванија ја укина пресудата за сексуален напад во друг кривичен случај.

Тој ги негираше наводите од обвинението

Тужбата поднесена од Џуди Хут беше првата граѓанска тужба против Козби која стигна до судење.

Американскиот актер, кој лично не се појави на судењето, ги отфрли наводите во обвинението, а неговиот тим за одбрана ќе поднесе жалба на пресудата, изјави портпаролот на Козби.

Козби е најпознат по улогата во ТВ серијата „Козби шоу“ од 1980-тите, а некогаш беше познат и како „Американски татко“.

Актерот се соочи со десетици обвинувања за сексуален напад, недолично однесување и силување, кои датираат од средината на 1960-тите.