Дончев: Брзите тестови имаат значително поголема веројатност да бидат лажни

Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев утрово во гостувањето во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ зборуваше за разликата во двата вида тестови за коронавирус – брзите тестови и оние на молекуларно ниво.

12

„Точно е дека има два типа тестови. Едните се брзи тест-китови, додека вторите се тестови по т.н. PCR-метода, кои се тестови на молекуларно ниво. Граѓаните треба да се свесни дека тест-китовите се индикација, но веројатноста за т.н лажни позитивни или негативни резултати е значително поголема од оние тестови кои се прават на молекуларно ниво. Нашите епидемиолози ги прифаќаат вториве како веродостојни. Градиме капацитет за тестирање на молекуларно ниво, од најмалку 600 поединечни тестови на ден. Тоа е капацитетот во Јавното здравство и во приватните здравствени установи“, образложи Дончев.

Такви брзи тестови во земјава се прават во приватната клиника „Систина“, а од Министерството за здравство синоќа излегоа со објаснување за разликата меѓу двата типа тестови, посочувајќи дека пациентите кои прават брзите тестови и имаат позитивен резултат мора повторно да се тестираат и во Институтот за јавно здравје.

„Тестовите што ги користи приватната клиника ‘Систина’ се различен тип од тестовите на сите останати институции. Имено, тие тестови го детектираат присуството на антитела на вирусот ковид-19, додека останатите тестови го детектираат директното присуство на самиот вирус. За позитивни се сметаат оние пациенти што се позитивни на вирусот и исклучиво тие се водат и внесуваат во дневната статистика. Сите пациенти кои се детектираат како позитивни на тестовите на антитела кои ги прави ‘Систина’, задолжително треба да направат тест за присуство на вирусот во ИЈЗ, согласно одлуката на Комисијата за заразни болести во Министерството“,

пишуваше во објаснувањето од Министерството за здравство.