Досега само Дончев бил во полиција за снимките, тврди Чулев – охрабрува да се повикува секој за кого има потреба

7

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вели дека, според неговите информации, освен Ден Дончев, досега никој друг не добил покана од полицијата во врска со објавените снимки на интернет.

Денеска се појави нова аудиоснимка од разговор помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Зоран Милески-Кичеец, а во изминатиот период се објавуваа и други снимки во кои се слуша гласот на Мицкоски, како и „бомби“ во врска со аферата „Рекет“, кои не беа објавени во целост, а завршуваа со порака дека ќе бидат предадени во обвинителството и оти во нив наводно се слушале гласовите на Вице Заев и Владимир Стајиќ, како застапник на Зоран Заев.

Одговарајќи за новинарски прашања во врска со снимките што беа објавувани, Чулев вели дека тој не може да влијае на предметите, но ги охрабрува колегите од МВР да го повикаат на разговор секој оној за кого сметаат дека има потреба.

„Ако се утврди потреба, МВР и во иднина ќе постапува за вакви објавени снимки, ако колегите проценат дека постојат елементи за кои треба учесниците на настаните да бидат повикани на разговор… Како министер јас сум политичка фигура и не смеам да влијаам на текот на истрагите. Истрагите се во рамките на Одделот за сузбивање организиран криминал, кој е во рамки на Бирото за јавна безбедност. И преку социјалните мрежи и сега ја користам можноста да ги повикам полициските службеници, ако сметаат дека има потреба, да повикаат на разговор со цел добивање дополнителни сознанија“, вели Чулев.

Во врска со ексдиректорот на Фондот за здравство Ден Дончев, тој најави дека денеска или утре извештајот од разговорот во полициска станица ќе биде предаден во обвинителството.

„Беше повикан како функционер во Владата, беше извршен разговор со цел добивање податоци и информации во врска со објавените снимки каде што се гледа како зема финансиски средства. Колегите извршиле разговор од околу 40 минути. Тој бил во присуство на адвокат и врз основа на добиените сознанија се изработува службена белешка, извештај кој во текот на денешниот или утрешниот ден треба да биде даден во јавното обвинителство“, рече Чулев додавајќи дека за идните чекори ќе чекаат насоки од обвинителството.