Драматично на Лезбос: Изби пожар во камп за мигранти, најверојатно е подметнат во знак на протест

20

Во раните утрински часови во кампот за мигранти на грчкиот остров Лезбос изби пожар, соопштија денес од грчката против-пожарна служба.

Засега нема податоци за причинетата штета, ниту пак за причината за избивањето на пожарот во кој изгореа шатори и контејнери наменети за сместување на мигрантите, пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“.

Полицијата соопшти дека мигрантите биле пренесени на безбедно место, а во гасењето на пожарот учествувале 25 пожарникари со 10 возила.

Како што соопштија локалните власти, пожарот се проширил во и надвор од кампот, а ситуацијата е отежната поради тоа што меѓу мигрантите во кампот има и позитивни на коронавирус.

Според локалните медиуми, пожарот бил намерно подметнат во знак на протест откако кампот бил ставен во карантин, а при гасењето, пожарникарите се соочиле и со отпор од мигрантите кои одбиле да се евакуираат.

Мигрантскиот камп на Лезбос минатата седмица беше ставен во карантин поради појавата на еден случај на Ковид-19, а до вчера бројот на заразени мигранти порасна на 35.

Во кампот Морија се сместени околу 12,500 мигранти, иако сместувачкиот капацитет на кампот е четири пати помал.