Драма во Србија – татко и син се фрлиле во река за да спасат пријател – двајца од нив ги однесе надојдената река

130

Вистинска драма се случи во југозападна Србија по поројните дождови кои ја зафатија земјата, поради што реките се излеаа од своите корита, поплавувајќи ги блиските куќи.

Вонредна состојба е прогласена во Пријепоље, Сјеница и Нови Пазар. Во обид да ја заштити својата куќа со вреќи со песок, еден човек паднал во реката Трнавица во Нови Пазар. По него се фрлиле татко и син. Спасувачките екипи успеале да го извлечат синот, но не и двајцата мажи кои ги однела надојдената река и по нив се уште се трага.

Поплавени се десетици куќи, стотици луѓе се загрозени, дел од нив евакуирани, меѓу кои мајка со шест деца. Обилните врнежи траат веќе 15 часа на северот од Косово. Тука се излеа и реката Ибар, поплави над 50 куќи, а голем одрон откорнал дрва и бандери. Според пожарникарите вакви дождови не виделе во изминатите 50 години. Метеоролозите јавуваат дека во југозападниот дел од земјата наврнале 40 милиметри на метар квадратен. Проценките се дека водостојот на реките ќе се зголемува во следните 12 часа, а врвот на бранот на поплавите се очекува во вечерните часови.