Драмски театар со „Чудесна терапија“ на Охридско лето

18

Драмски театар Скопје кој е чест гостин на „Охридско лето“ вчеравечер на фестивалот ја одигра театарската претстава „Чудесна терапија“ од Даниел Глатауер во режија на Димче Николовски.

Компактната претстава, иако мала по бројот на актери на сцената, успеа да го задржи вниманието на публиката до крајот на вечерта.

Според режисерот Димче Николовски, станува збор за многу секојдневна претстава која ги долува проблемите на еден брачен пар и се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за среќна и стабилна врска.

-Искрено мислам дека повеќето брачни парови имаат проблеми коишто си ги признаваат, но и не си ги признаваат. Со оглед на тоа како ние се развиваме како општество, дел од тие проблеми остануваат некажани, неразбрани и со тек на време, тоа семе може да развие многу сериозни проблеми. Другата страна на претставата е дека сепак се работи за комедија и нејзиниот успех е точно што преку хумор успева да допре до тие области коишто најчесто остануваат занемарени, а тоа се сите области. На тој начин, секој човек, којшто е во каква било врска, може да се пронајде себе си, истакна режисерот Николовски.

На сцената во предворјето на црквата „Света Софија“, брачната двојка ја одглумија Маја Вељковиќ-Пановска и Предраг Павловски кои токму поради нарушената комуникација и меѓусебните недоразбирања завршија на брачно советување –терапија која доби чудесни размери.

Актерот Предраг Павловски појасни дека станува збор за непретенциозна претстава која, како што рече, постигна доста голем успех во Скопје.

-По пауза од неколку месеци поради познатите причини, „Чудесна терапија“ ја играме повторно, и тоа на „Охридско лето“ што ни е мошне драго. Сметам дека и амбиентот беше соодветен за нејзиното одржување. Сето време додека не играме на сцената, јас сонувам претстави, сонувам дека играм во претстави. Тоа е потсвесно. Театарот сепак ќе опстане. Тоа е материја што не може да изумре, изјави Павловски.

Ликот на психотерапевтот го глумеше актерката Соња Стамболџиоска која фестивалската публика ја гледаше и изминатите години на „Охридско лето“ со повеќе претстави меѓу кои „Ждрело“ на режисерката Зоја Бузалковска и „Кавказки круг со креда“ од режисерот Златко Славенски.

-Терапевтот најпрофесионално се труди сѐ да направи за своите пациенти, но во еден момент малку ќе се сопне. Инаку, во претставата влегов како замена и имав кус период за да се подготвам за улогата, помалку од две недели. Вечерва играм по пауза од шест месеци и затоа сум многу возбудена, изјави актерката Стамболџиска.

Драматург на театарската претстава „Чудесна терапија“ е Александра Бошковска, костимограф Раде Василев, а автор на песна Давид Матевски.