Државата има потреба од политичка стабилност, речиси секоја година сме во избори, вели Османи

10

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи смета дека не се потребни брзи предвремени избори и дека државата има потреба од политичка стабилност и предвидливост.

– Пред нас се важни прашања и во делот на можностите и во делот на кризите коишто треба да ги надминеме. Од 2006 година речиси секоја година државата е во избори, дали се тоа парламентарни, претседателски или локални, референдум…. Мислам дека немавме ниту една година од 2006 досега да нема избори. Изборите значат три до четири месеци парализирање на системот. Соберете ги тие три до четири месеци во последните 11 години, тоа се изгубени години поради честите изборни циклуси. А да не ја забораваме тука непредвидливоста што се создава врз бизнисот, странските инвеститори…, изјави денеска Османи, коментирајќи го барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори следната година.

Очекува актуелното парламентарно мнозинство кое, како што вели, наредните денови треба да се формализира, да продолжи да работи до редовните избори во 2024 година.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски минатата недела побара формирање на техничка влада во февруари или март да се формира техничка влада, а во мај или јуни да се одржат предвремени избори.