Државата ќе менаџира со приватните клиники

22

Поради зголемениот број на новозаразени со Ковид-19, државата ќе менаџира со приватните клиники, исто како и со државните здравствени институции, предложи по денешната седница Советот за безбедност до Владата.

„За сите услуги кои приватните здравствени установи ќе ги даваат ќе има компензирање. Не се работи за национализација, туку државата ќе се јави во улога на менаџер“, рече претседателот Стево Пендаровски.

Државата ќе покрие 30 проценти од пазарната вредност на трошоците за лекувањето во приватните клиники.

Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека сите ресурси на приватните клиники ќе бидат земени предвид, вклучително и болничките капацитети за сместување и кадарот.

„Периодот е навистина критичен и со оваа динамика на новозаразени, очекуваме еден период кога бројот на новодијагностицирани пациенти ќе биде линеарен“, рече Филипче.

Тој вели дека заеднички со државните капацитети ќе се направи план за работа.

Министерот објасни дека се прават распореди за дежурство и функционирање во народниот период.

„Целата зграда на интерните клиники е практично зграда во која што ќе се лекуваат ковид пациенти. Тоа затоа што тука се лекарите интернисти, специјалисти, пулмолози и другите кои имаат искуство во лекување на вакви пациенти. Сите три спратови се целосно спремни, два се скоро исполнети, уште еден кат каде што се оториноларингологија, офталмологија, сега се спремаат да од утре се стават во функција. Целокупниот кадар е ставен на чекање и во координација со одговорните сега се прават распореди, како за дежурства, така и за функционирање во следниот период“, рече Филипче.

Министерот посочи дека огромен е притисокот врз болниците, па затоа, бројот на легла за ковид пациенти ќе се зголемува и во болницата „8 Сепмтеври“.

„Сосем доволен број на слободни кревети може да се стават во функција во болницата „8 септември“. Таа болница ја задржа својата вообичаена работа, иницијално предвидениот број на кревети, 80-90, веќе се пополнети, но може во следниот период согласно овој огромен притисок од изминатиот период се запре системот ‘Мој термин’ и таму да се сместат уште повеќе пациенти. Целосна мобилизација, секојдневна координација, интерните клиники, спремни сме да ангажираме и дел од другите клиники како хируршките за што веќе имавме состанок. Се прави интерен план со повеќе директори на хируршки клиники. Тоа би бил следниот чекор. Но, со ова располагање на приватните капацитети сепак ќе направиме целовкупен план кој ќе ги вклучи сите ресурси“, кажа Филипче.