Дрисла од денеска е на град Скопје, директорот ќе биде сменет

4

Од денеска и официјално депонијата Дрисла е во рацете на град Скопје, рече градоначалникот Петре Шилегов покажувајќи го документот што го добиле од Централниот регистар.

„Во периодот што следи за исправноста на работењето на депонијата Дрисла ќе одговара град Скопје и јас лично. Создадени се услови во текот на утрешниот ден да биде разрешен сегашниот директор на Дрисла и да се именува нов вршител на должноста“, рече Шилегов.

Депонијата девет години беше под раководство на италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“. Таа го доби тендерот во 2011 година, но не ги спроведе ветените 73 милиони евра инвестиции. Потоа град Скопје поведе постапка за враќање на депонијата, но имаше несогласувања меѓу Централниот регистар и градот за законитоста на постапката за враќање на Дрисла и процедурата се одолговлечи.

Актуелниот директор на Дрисла Горан Ангелов, како што јавија бугарските медиуми, бил содружник во компанијата „Блацион“ ООД во Бугарија и заедно соуште еден македонски државјанин Блаже Игнатов, извршиле нерегулиран увоз на 25 контејнери со отпад.