ЕБОР прогнозира пад на македонскиот БДП од 5 проценти годинава, раст од 3 проценти догодина

24

Пад од пет проценти на македонската економија годинава и раст од три проценти следната година, предвидува Европската банка за обнова и развој во денеска објавената есенска макроекономска прогноза.

-Според нашите проекции, годинава ќе има пад на БДП од пет проценти и раст од три проценти следната година, што е слично со останатите земји од Западен Балкан, како и оние со индустриска база во Централна и Источна Еврoпа. Откако имаше раст од близу нула проценти (0,2%) во првиот квартал, БДП се намали речиси за 13% (-12,7%) во вториот квартал, што значеше дека има големи нарушувања во економијата, преку значително намалување на приватната потрошувачка, инвестиции, договорите за извоз и увоз, вели Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за Северна Македонија во интервју за МИА, што ќе биде објавено дополнително во целост.

Во најновиот извештај ЕБОР изврши надолна ревизија за 1,5 проценти на БДП за годинава односно за 2,5 проценти за догодина во однос на прогнозата во мај. Тогаш банката проектираше пад на нашата економија од 3,5 проценти во 2020 и раст од 5,5 проценти во 2021 година.

-Влијанието на кризата во регионот на Западен Балкан ќе предизвика пад од 5,1 процент годинава како резултат на колапсот на туристичкиот сектор (особено во Албанија и Црна Гора), нарушувања во глобалните синџири на снабдување и пад на странските директни инвестиции и дознаките од странство. Растот се очекува да достигне 3,4 проценти во текот на следната година, стои во Извештајот.

Од земјите во регионот најгoлем пад на економијата од девет проценти годинава според ЕБОР ќе имаат Албанија и Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина исто како и Северна Македонија од -5 проценти, а Србија од -3,5 проценти.

За следната година ЕБОР прогнозира раст на економиите во Северна Македонија, Србија и БиХ за три проценти, на Албанија за 4,5 проценти, на Косово за 4, а на Црна Гора за 5 проценти.