ЕБОР: Ја поддржуваме транзицијата на Северна Македонија кон зелена енергија, клучен приоритет инвестиции во обновливи извори и енергетска ефикасност

8

 

Охридското Езеро е туристичка дестинација број еден во земјата со над 200.000 туристи и за да се заштити неговата убавина важно е да се обезбеди заштита на уникатната природа и да се минимализираат негативните ефекти врз животната средина, кои доаѓаат од туристите и индустријата, посочуваат од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

– Хотел „Инекс Горица“ е водечки пример за ова. Пред неколку години, хотелот инсталираше соларни панели на покривот, а неодамна инвестираше во натамошни мерки за заштита на енергија. Ги замени сите надворешни прозорци и врати, ја подобри изолацијата на надворешните ѕидови, го реновираше покривот и инсталираше нов систем за топлење и ладење, со пумпи за загревање, велат од ЕБОР.

Потенцираат дека за оваа намена, „Инекс Олгица“ искористила кредит од 379.000 евра од „Шпаркасе банка Македонија“, која е дел од програмата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската Унија (ЕУ), преку Програмата за конкурентност на мали и средни претпријатија (МСП.). Програмата ги поддржува бизнисите на малите и средни претпријатија во земјата, преку инвестиции во зголемување на конкурентноста. МСП можат да аплицираат за специјализирани кредитни линии, а за возврат добиваат грант со кој се овозможува до 15 отсто враќање на инвестираните средства. Овој механизам е финансиран од Европската Унија. За МСП инвестициите во заштеда на енергијата се помеѓу приоритетните.

Со овие активности, од ЕБОР очекуваат хотелот да ги намали трошоците за топлење и ладење за повеќе од 53 отсто.

– Ова е голема промена која ни помогна да заштедиме енергија и трошоци. Нашиот план е да го ставиме Охрид на светската мапа за зелена туристичка дестинација, истакна Андреа Илоски Симоноска, генерален менаџер на Хотел „Инекс Олгица“.

ЕБОР ја поддржува Северна Македонија во транзицијата кон зелена енергија. Инвестициите во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност се клучен приоритет. Претставникот на ЕБОР за Северна Македонија, Анди Аранитаси ги објасни поволностите од инвестициите во мерките за заштеда на енергија за бизнис секторот.

– Не само што се заштедува на трошоците и емисиите на јаглероден диоксид, туку се овозможува зголемување на конкурентноста на ЕУ пазарите, особено во однос на најавениот ЕУ механизам за прилагодување на граничните единици на овие емисии. Ова ќе биде моќна поддршка за економиите и компаниите на Западен Балкан во насока на декарбонизација, бидејќи ЕУ е значително доминантен трговски партнер во регионот. Поради ова, ќе продолжиме да ги поддржуваме локалните бизниси во нивните инвестиции во енергетска ефикасност, рече Аранитаси.

За Европската унија, која ја обезбедува грант поддршката за МСП, оваа програма е можност МСП да ја зголемат одржливоста во нивното работење.

– Енергетската ефикасност е еден од најлесните и најефикасните начини за борба со климатските промени, намалување на енергетските трошоци на потрошувачите и за подобрување на конкурентноста на компаниите. Со вакви програми, и со грант поддршката, ЕУ им помага на МСП да имаат пристап во нивното користење на енергија, да ја зголемат нивната енергетска ефикасност и да идентификуваат соодветни измени во зголемување на одржливоста. Компании кои ќе изберат да користат обновлива енергија, креираат обновливи производи и даваат позитивен пример за јавноста во однос на идеалната економија со низок степен на јаглероден диоксид, кон која сите се стремиме., изјави Дејвид Гир, ЕУ Амбасадор за Северна Македонија.

ЕБОР е една од водечките институции, инвеститори во Северна Македонија. До денеска има инвестирано над 2,5 милијарди евра во проекти од различни сектори на економијата.