Еврозоната оствари раст, додека германската економија неочекувано паѓа

9

 

Остварувањето на германската економија во четвртиот квартал од минатата година беше полошо од очекуваното, што е знак дека најголемата европска економија поради тешко погоденото производство и намалената побарувачка веројатно влегува во рецесија.

Од друга страна, економијата на еврозоната оствари раст во последните три месеци од 2022 година, јавија светските медиуми, пренесува Радио Слободна Европа.

Германската економија забележа неочекуван пад во четвртиот квартал од минатата година, сигнализирајќи дека можеби влегува во долгоочекуваната рецесија, пишува „Тајмс“.

Додека економистите очекуваа БДП да остане ист, тој се намали за 0,2 отсто во последните три месеци од 2022 година во споредба со претходниот квартал, соопшти на 30 јануари Германскиот завод за статистика.

Рецесијата, која технички е дефинирана како два последователни квартални падови, станала поверојатна бидејќи многу економисти мислат дека економијата исто така ќе се намали и во првиот квартал на 2023 година, пишува „Тајмс“.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек минатата недела изјави дека со економската криза предизвикана од руската инвазија на Украина сега може да се управува, иако високите цени на енергијата и растот на каматните стапки значат дека Владата останува внимателна. Владата најави дека економската ситуација треба да се подобри од пролет.

Неочекуваниот економски пад во четвртиот квартал покажува дека зголемувањето на трошоците за енергија ја намалува побарувачката на потрошувачите, но покажува и колку германското производство е тешко погодено, оценува „Фајненшел Тајмс“.

Сепак, пишува лондонскиот весник, пропорциите на економскиот пад во Германија, како и насекаде во Европа, се далеку пониски отколку што прогнозираа економистите за поголемиот дел од втората половина на 2022 година, кога скоковите на цените на гасот ја зголемија загриженоста од тешката рецесија.

Откако беа објавени податоците за неочекуваниот пад на германската економија, поедини експерти тврдат дека се работи за благ пад што укажува на „техничка рецесија“.

Германскиот завод за статистика објави дека германскиот економски пад е резултат на намалената побарувачка поради зголемените трошоци за енергија, посочува „Фајненшел тајмс“, додавајќи дека трошоците за енергија за германските потрошувачи ќе се зголемат за 34,7 отсто во текот на 2022 година.

Германската економија сега е 0,2 отсто поголема отколку пред пандемијата, што е побавно закрепнување отколку во остатокот од Европската унија, пишува весникот, додавајќи дека Германија, поради нејзината голема производствена база, е погодена повеќе од скокот на цените на гасот од другите европски земји.

Аналитичарите веруваат дека изгледите на Германија се „подобрени“ во последните недели, благодарение не само на поволните зимски временски услови и намалувањето на цените на гасот и електричната енергија, туку и на крајот на кинеската политика за „нулта ковид“, што може поволно да влијае на германскиот извоз.

Сепак, други веруваат дека економскиот раст може да биде загрозен од агресивниот циклус  на Европската централна банка (ЕЦБ) во зголемувањето на каматните стапки и ризикот од постојано високи цени на енергијата. Пазарите очекуваат дека ЕЦБ во наредните денови ќе ги зголеми стапките за половина процентен поен и за уште половина поен во март.

Додека Германија и Италија забележаа негативни стапки на економски раст во четвртиот квартал од минатата година, Франција и Шпанија го зголемија растот, пишува „Ројтерс“ повикувајќи се на најновиот извештај на Евростат.

Според извештајот објавен на 31 јануари, еврозоната забележа раст во последните три месеци од 2022 година, успевајќи да избегне рецесија дури иако огромните трошоци за енергија и растот на каматните стапки земаа тежок данок на економијата на валутниот блок.

Бруто домашниот производ на еврозоната порасна за 0,1 отсто во четвртиот квартал, покажаа податоците на Евростат, надминувајќи ги очекувањата за пад од 0,1 отсто во анкетата на „Ројтерс“. Споредено со претходната година, растот е 1,9 отсто.

Војната во Украина, која трае речиси една година, се покажа скапа за еврозоната, која сега вклучува 350 милиони луѓе во 20 земји, бидејќи некои членки во голема мерка се потпираат на евтината енергија, истакнува Ројтерс.

Зголемувањето на цените на нафтата и гасот ги исцрпи и забави инвестициите, додека ЕЦБ покрена невидени зголемувања на каматните стапки за да ја запре инфлацијата.

Сепак, според „Ројтерс“, економијата покажала и одредена неочекувана издржливост – слично како во текот на пандемијата на Ковид-19, кога растот ги надмина очекувањата бидејќи претпријатијата побрзо се прилагодуваа на променетите околности отколку што тоа го предвидуваа креаторите на политики.