Европратеникот Ќучук со пораки за добрососедство: Скопје и Софија прво да си ја вратат довербата

15

Интерес на Бугарија е Македонија да биде дел од ЕУ, но мора да се обнови нарушениот дијалог меѓу двете земји, при што за историјата треба да расправаат историчарите, а за политика политичарите, порача вчера бугарскиот европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент Илхан Ќучук, кој е во дводневна посета на Скопје. Тој нагласи дека никој нема интерес да се запре евроинтеграцијата на Македонија, но постигнувањето на високите цели бара консензус во ЕУ.

Според него, билатералните прашања треба да се решаваат во билатерален формат, но во секоја преговарачката рамка за членство во ЕУ добрососедските односи се важен дел и затоа треба да се врати меѓусебната доверба и да изградат здрави односи меѓу Бугарија и Македонија.

– Нема лесен разговор за историјата и никогаш немало, но тој бара поглед кон иднината и кон стратегиските цели. Стратегиска цел на РС Македонија е да биде во ЕУ, а тоа е интерес и на Бугарија. Потребен е разговор и навраќање кон Договорот од 2017 година затоа што дијалогот меѓу двете земји е нарушен. Се надевам дека на средбите овде ќе биде потврдена силната проевропска ориентација, бидејќи ова може да биде силна година за РС Македонија во ЕУ – рече Ќучук по средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Европратеникот додаде дека во извештајот за прогресот на Македонија во ЕП треба да стои ставот дека е неопходно да се усвои рамката за преговори и тие да почнат на првата меѓувладина конференција. На прашањето дали историјата треба да биде дел од рамката тој рече дека историските прашања треба да се решаваат од компетентни историчари.

– Разговорите за историјата треба да бидат оставени на професионалци. Политичарите се одговорни да носат политички одлуки, а не да ги сокријат под килим и да речат виновни се историчарите. Заедничката комисија треба да ја продолжи работата и мора да се врати меѓусебната доверба, бидејќи без тоа не можат да се постигнат добри резултати – рече Ќучук.

Тој истакна дека во тешки моменти Македонија ѝ подавала рака на ЕУ и обратно, бидејќи „интерес на ЕУ е да биде глобален политички играч, а тоа е можно само со интегрирање на Западниот Балкан“.

Дводневната посета на Ќучук и средбите со државниот врв се во пресрет на гласањето за нацрт-резолуцијата за Македонија во Комитетот за надворешни работи во ЕП, која, како што објасни европратеникот нема обврзувачки карактер, но е најширок форум и го претставува силниот глас на европските граѓани.

Министерот Османи оцени дека посетата е важна бидејќи претстои гласањето за резолуцијата за Македонија во ЕП.

– Не очекувам ништо повеќе од она што е реално и видливо. Македонија испорача на сите полиња и заслужува вреднување на напредокот. ЕУ треба да ја операционализира одлуката од март минатата година и да ја одржи првата меѓувладина конференција – рече Османи.

Не е точно дека Бугарија го оспорува македонскиот идентитет, повтори вчера бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева за „Зум.мк“. Според неа, решението на проблемот меѓу двете земји е во имплементацијата на Договорот за пријателство.

– Многупати сме кажале дека не го оспоруваме вашиот идентитет и вашите политичари го знаат тоа. Но, пред македонското општество и пред европските политичари полесно е да се претставува дека ние го оспоруваме вашиот идентитет. Тоа прашање беше решено со чинот на признавање на независноста на РС Македонија од Бугарија, како прва земја – рече Захариева.

Според неа, Бугарија нема негативен став кон граѓаните на Македонија и сака така и да остане.