Европската комисија ја усвои Преговарачката рамка, што понатаму за Македонија?

30

На првиот ден од германското претседателство, Европската комисија го усвои предлогот на Преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија и од вчера документот е во рацете на земјите членки.

Содржината нема да биде откриена пред одобрување од Советот. Се прецизира дека рамката е поделена на три дела: водечки принципи на преговорите за пристапување, суштински преговори и постапка за преговарање со цел целокупно спроведување на европското законодавство и нејзините принципи во рамки на законодавствата на земјите-кандидати.

За разлика од рамковните преговори со други земји, ЕК за Скопје и Тирана ја зема во предвид и новата методологија за преговори донесена во март, според која се следи и развојот на европското законодавство, како и спецификите и заслугите на секоја од страните одделно.

Во предложената рамка за преговори, фокусот е ставен на правдата, функционирањето на демократските институции и јавната администрација и економијата. „Посилен“ политички мотор на процесот и поддинамичен ритам на преговорите преку групирање на поглавја за преговори во тематски кластери.

Комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Верхели, рече дека очекува преговорите меѓу земјите-членки да се одржат што е можно поскоро, за да се одржат наскоро и првите меѓувладини конференции со Албанија и Македонија.

„Нивната иднина е дефинитивно во Европската унија и убеден сум дека тоа ќе го сторат и ќе продолжат да ги спроведуваат реформите на патот кон ЕУ, како што тоа го правеа досега “, истакна тој.

Според дипломатски извори, првите меѓувладини конференции најверојатно нема да се одржат до крајот на оваа година. Земјите-членки треба да разговараат за прашањето за проширувањето од септември, бидејќи летните месеци ќе бидат посветени целосно на обидите за изнаоѓање компромис за прашањето за надминување на економската криза во ЕУ и иднината на нејзиниот буџет.