Европската Унија ја казни Meta рекордни 1,2 милијарди евра

7

Meta мора да престане со трансфер на податоците на европските корисници во САД. Поради оваа пракса Европската Унија и изрече на компанијата рекордна казна за прекршување на GDPR од 1,2 милијарди евра. Претходната највисока казна беше 764 милиони евра и ја доби Amazon за таргетирано рекламирање.

Казната која ја доби Мета e поради трансфер на лични податоци во трети земји без да биде обезбедена соодветна заштита. Во период од 4 години Meta незаконски чувала податоци на европски корисници на сервери во САД. Одлуката ја донесе Ирската комисија за заштита на податоци.

„Европскиот борд за заштита на податоци смета дека нарушувањето на Meta е многу сериозно со оглед на тоа дека се однесува на трансфери кои се систематски, репетитивни и продолжени. Facebook има милиони корисници во Европа, па количината на лични податоци кои се префрлаат е огромна. Оваа казна е силен сигнал до организациите дека сериозните прекршувања имаат далекусежни последици.“, вели Анреа Јелинек претседавач на Европскиот борд за заштита на податоци.“

Одлуката на судот е по жалбата на австрискиот адвокат и активист за заштита на лични податоци Макс Шремс. Спорот на Шремс започна во 2013 година, откако Едвард Сноуден објави дека американските технички компании и помагаат на Националната агенција за безбедност во следењето. Во овој период од 10 години, пред Комисијата за заштита на податоци Шремс започна 3 спора.

Meta покрај казната ќе мора да ги врати и податоците на корисниците од Европа, во податочни центри лоцирани во Европа. Одлуката на комисијата која се однесува на трансферот на податоци не стапува на сила веднаш. Meta има 5 месеци време пред да одлуката да стапи на сила. По ова треба да престане да ги праќа податоците, и да ги избрише податоците кои се чуваат надвор од Европа.

„Среќни сме што ја дочекавме оваа одлука по десетгодишен судски спор. Казната можеше да биде и многу повисока, со оглед на тоа дека максималната е 4 милијарди, а Meta за да оствари поголем профит, повеќе од 10 години свесно го прекршуваше законот. Доколку не се поправи американскиот закон за следење, Meta ќе мора темелно да ги преструктуира своите системи“, вели Шремс.

Meta веќе најави дека ќе поднесе жалба на одлуката на комисијата.

„Способноста за прекуграничен трансфер на податоци е неопходен за да функционира глобалниот интернет. Од финансии и телекомуникации, до критични сервиси како здравство или образование, слободниот проток на информации е поддршка за многу сервиси на кои сме навикнати. Илјадници бизниси и организации се потпираат на трансферот на податоци помеѓу ЕУ и САД за да можат да работат и обезбедат услуга за луѓето секој ден“.

Казната се однесува единствено за Facebook, а не и за останатите компании во сопственост на Meta. Сепак одлуката на судот ќе влијае и на Instagram и WhatsApp, но и на илјадници други мултинационални компании, вели Wall Street Journal.

Kазни на Meta во Европа

Ова не е прва казна која сопственикот на Facebook ја доби во Европа. Компанијата претходно беше казнета за праксата на WhatsApp; скандалот со Cambridge Analytica; прекршување на GDPR…

110 милиони евра за WhatsApp

Во мај 2017, Facebook беше казнет до Европската комисија за неточни податоци, поднесени при барањето на дозвола за купување на WhatsApp во 2014.

Во 2014 година Европската комисија ја дозволи зделката вредна 22-ве милијарди долари. Facebook тврдеше дека нема да има никаква промена во правилата за користење на апликацијата. Во 2016 година компанијата ги промени правилата за користење, па поради ова Комисијата започна истрага.

Истрагата на комисијата покажа дека и во 2014 година, наспроти тврдењата на Facebook, компанијата имала можност да ги спои идентитетот на корисниците на Facebook и WhatsApp. Според тврдењата на Европската комисија, претставниците на Facebook, во 2014 година тврделе дека не може да се спојуваат податоците од двете платформи.

225 милиони евра за WhatsApp

За прекршување на GDPR казна доби и WhatsApp. Овој пат причина беше недоволната транспарентност за начинот на кој компанијата управува со податоците на корисниците. Поточно немаше податоци за тоа како податоците се користат на доволно прецизен, јасен и транспарентен „јазик“.

Во ноември 2021 ова беше највисока казна изречена од Комисијата за заштита на податоци.

60 милиони евра казна за Facebook во Франција

На почетокот на 2022 Facebook доби казна од 60 милиони евра во Франција. Причина за казната е начинот на кој платформата им ги презентира изборите за следење на корисниците. На корисниците им се прикажува опција за прифаќање на сите колачиња, но во исто време нема опција која ќе овозможи нивно одбивање. За да ги одбие интернет колачињата за следење корисникот требаше да одбере „Accept cookies“ во вториот прозорец. Комисијата процени дека ова е прекршување на францускиот Закон за заштита на податоците.

17 милиони евра за повеќе пробивања

Во март 2022 Facebook доби казна од 17 милиони евра за повеќе пробивања на заштитата. Пробивањата на кои се однесува заштитата зафаќаат подолг период, а Facebook ги сподели со Комисијата за заштита на податоци во 2018 година. Жртви на овие пробивања се над 30 милиони корисници на друштвената мрежа. Само во периодот од јуни до декември 2018 до Европската Унија стигнале податоци за над 12 пробивања на заштитата на Facebook.

Причина за казната е доцното пријавување на пробивањето на заштитата.

405 милиони евра за Instagram

Ирската комисија за заштита на податоците во септември 2022 го казни Instagram со 405 милиони евра. Причина за казната е неусогласеност со Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR). Поточно Instagram е казнет поради нарушување на приватноста на децата. Имејл адресите и телефонските броеви се, (или барем беа) јавни на Instagram. Ова важи за сите корисници, но податоците на децата треба да бидат заштитени подобро.

265 милиони евра за нарушување на приватноста

Во ноември 2022 Ирската комисија за заштита на податоците ја казни Meta 265 милиони евра. Причина за казната е неодговорното и недоволното чување на телефонските броеви на 533 милиони корисници. Поради ова телефонските броеви биле достапни за „data scrapers“ кои го искористиле пропустот.

Собирањето на телефонските броеви е откриенo во април 2021, откако „хакерот“ ја објави листата телефони и имиња. Можноста за собирањето на овие податоци Facebook ја запре уште во 2019 година, но листите на телефонските броеви на корисниците и натаму циркулираат.

210 милиони евра за Facebook и 180 милиони евра за Instagram

Оваа година за Meta започна со казна од 390 милиони евра. Facebook беше казнет со 210 милиони евра, а Instagram со 180 милиони евра. Друштвените мрежи се казнети поради прекршување на GDPR. Причина за казната е начинот на кој компанијата ги обработува личните податоци на корисниците за да им покаже таргетирани реклами.