Една доза Астра зенека или Фајзер многу го намалила ширењето ковид во британските старечки домови

14

Само една доза од вакцината против коронавирусот им обезбеди значителна заштита на жителите на англиските домови за стари лица, објавија британските научници.

Според студијата спроведена од истражувачи на Универзитетскиот колеџ во Лондон, една доза од вакцината на Астра зенека/Оксфорд или Фајзер/Бајонтек спречила 56 проценти од инфекциите по четири недели и 62 проценти од инфекциите пет недели по вакцинацијата.

Научниците откриле и силни докази што покажуваат дека заразноста е помала откако луѓето ќе се вакцинираат. Анализираните примероци покажале дека позитивните тестови содржат помалку вирусен материјал 28 дена по првата доза на вакцината. Кај луѓето што претходно биле заразени откриено е дека нема разлика во однос на нивото на заштита по приемот на вакцината.

Но истражувачите забележуваат дека само 11 проценти од учесниците во студијата што примиле вакцина биле претходно заразени, па затоа се потребни дополнителни истражувања за точно да се утврди ефективноста на вакцината во нивниот случај.

Лора Шалкрос, докторка на Институтот за здравствена информатика на УЦЛ, која го водеше истражувањето, рече дека тоа било спроведено кога позаразната варијанта на вирусот, т.н. британската варијанта, веќе доминирала во примероците собрани во домовите за стари лица. Затоа заклучува дека вакцините се ефикасни и против таа варијанта.