Едно лице тешко рането во денешната полициска акција на северот на Косово

2

Едно лице е тешко повредено во денешната акција на косовската полиција на северот на Косово, за која беше кажано дека е насочена против шверцери. Ситуацијата во Косовска Митровица и Звечан е напната од утрово, кога се слушнаа сирени за тревога.

Од клиничко-болничкиот центар во Косовска Митровица кажаа дека се борат за животот на еден 36-годишен Србин.

„Во прашање е прострелна рана во пределот на грбот и тој е животно загрозен“, изјави директорот на болницата Златан Елек.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, кажа дека се повредени десетици Срби и го обвини косовскиот премиер Албин Курти за насилствата.

Косовската полиција употреби шок-бомби и солзавец за да ги растера граѓаните кои протестираа против нејзината најнова акција. РТС објави дека припадниците на косовската полиција за економски криминал затвориле повеќе продавници.

„Упаѓаат во магацини, продавници и аптеки во градот и околината“, кажаа очевидци за РТС.

Српската премиерка Ана Брнабиќ ги повика меѓународната заедница и НАТО да го скротат Курти.

„Ситуацијата е повеќе од драматична. Лудачката политика на Курти мора да се запре, зашто води кон целосен хаос“, кажа Брнабиќ.