ЕИБ: Фирмите од Централна, Источна и Југоисточна Европа сакаат да инвестираат и покрај влошените услови

4

 

Фирмите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, и покрај влошените услови за финансирање во втората четвртина од минатата година, планирале да ги зголемат инвестициите, покажува истражувањето што го спроведе Европската инвестициска банка (ЕИБ) за влијанието на кризата врз корпоративните инвестиции.

Според резултатите од истражувањето, компаниите од овие земји оцениле дека условите за финансирање драстично се влошиле и очекувале условите во нивните сектори да продолжат да се влошуваат, но генерално планирале повеќе да инвестираат во 2022 година во однос на 2021 година.

Истражувањето покажа дека нешто повеќе од една третина од фирмите развиле или вовеле нови производи, процеси или услуги. Употребата на напредни дигитални технологии се проширила односно 67 проценти од компаниите пријавиле дека користат барем една напредна дигитална технологија, а како одговор на притисокот да се приспособат, поголем дел од фирмите изјавиле дека имаат намера да им дадат приоритет на иновациите во следните три години.

Половина од фирмите изјавиле дека климатските промени влијаат на нивниот бизнис, но само една третина се заштитуваат себеси. Најмногу волја за подобрувањето на својата отпорност покажале фирмите во Романија (49 проценти) и Естонија (40 проценти), а најмалку оние во Унгарија (21 процент). Повеќето фирми преземале активности за намалување на нивните емисии на стакленички гасови, особено во Романија (93 проценти) и Полска (90 проценти), но не толку многу во Бугарија (70 проценти).

– За разлика од Европската унија во целина, фирмите во ЦИЈИЕ се повеќе склони да ја перцепираат транзицијата кон построги климатски стандарди како ризик, а не како можност. Инфраструктурниот сектор особено ја гледа транзицијата кон економија со нето-нула емисии во следните пет години како ризик (41 проценти). На ниво на компании истото важи и за фирмите во Литванија (43 проценти); компаниите во Романија, спротивно на ова, најмногу ја гледаат зелената економија како можност, соопшти Европската инвестициска банка која денеска ги објави резултатите од истражувањето.