Експлозија и пожар од плинска боца во центарот на Белград: Шестмина повредени

11

Во менувачница во центарот на Белград утрово пред 9 часот се случила експлозија од плинска боца, а потоа настанал и пожар.

Заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, за Н1 ТВ потврдил дека шест лица се повредени од кои едно потешко и тоа е пренесено на реанимација во Ургентниот центар.

„Плинската боца очигледно не била добро одржувана, барем така говори прелиминарниот извештај. Сопственичката на менувачницата побарала помош во ресторанот преку улицата, менаџерот тргнал да помогне и тогаш се случила експлозијата, па и тој е меѓу повредените. Пожарот е изгаснат и сите станари на зградата се безбедни. Ова е поука дека сите кои имаат плински боци треба да ги сервисираат преку овластени сервисери“, изјави Весиќ.

Очевидци за Н1 ТВ, раскажуваат дека експлозијата била толку силна што помислиле дека нешто се срушило. Од експлозијата се скршиле и стаклата на околните локали.