Екс претседателот на Авганистан на Твитер: Не сум украл милиони и се извинувам што избегав од Кабул

3

Поранешниот претседател на Авганистан, Ашраф Гани, им се извини на Авганистанците за бегството од земјата, наведувајќи дека тој никогаш немал намера да го напушти народот.

Во изјавата објавена на Твитер, Гани вели дека ја напуштил земјата на 15 август по поттик на обезбедувањето на претседателската палата непосредно пред да влезат Талибанците, за да го избегне ризикот од крвави улични борби, а исто така, повторно негираше дека украл милиони од државната каса.

– Заминувањето од Кабул беше најтешката одлука во мојот живот, но верував дека тоа е единствениот начин да се замолчи оружјето и да се спаси Кабул и неговите шест милиони граѓани – рече Гани во изјавата пренесена од светските медиуми.

Поранешниот претседател повторно ги негираше тврдењата дека извадил милиони долари од земјата, дури рекол дека е подготвен да биде под истрага за да ја докаже својата невиност.

Обвинувањата произлегуваат од поранешниот авганистански амбасадор во соседен Таџикистан, Захир Агбар, кој тврдеше дека Гани ја напуштил земјата со околу 169 милиони долари.

Гани, кој моментално се наоѓа во Абу Даби, жали што како и неговите претходници, не успеал да донесе мир и просперитет во неговата земја која е зафатена од војна.

– Длабоко жалам што моето поглавје заврши со трагедија слична на моите претходници – рече Гани, додавајќи дека се извинува на авганистанскиот народ што не успеал да направи ова да заврши поинаку.