ЕК со предлог за мигрантите: Земјите кои не ги сакаат, товарот поинаку ќе го сносат

18

Европската комисија предложи нов Пакт за миграција и азил, кој предвидува нов пофлексибилен механизам на солидарност меѓу членките и кој на оние членки кои не сакаат да примат азиланти им овозможува својот придонес да го дадат така што ќе преземат обврска за враќање на нелегалните мигранти.

Новиот механизам за солидарност треба да воведе поправеден пристап кон системот за азил, кој ќе одржува различни предизвици поради различните географски локации и ќе осигури дека секој придонесува преку солидарност, така што товарот за прифаќање на нерегулирани пристигнувања ќе го понесе не само една земја-членка, туку и ЕУ како целина.

Европската унија со години се обидуваше да ја промени својата политика за азил по големиот прилив на мигранти во 2015 и 2016 година. Претходниот предлог на Комисијата за реформа на Даблинската регулатива во мај 2016 година не помина како резултат на противењето на некои земји-членки за обврзувачки квоти за распределба на бегалците.

Комисијата потоа предложи воведување автоматски механизам за дистрибуција на барателите на азил од страна на земјите-членки во случаи кога бројот на бегалци во надворешните земји-членки нагло се зголемува.

Предлогот се обиде да го олесни товарот со кој се соочуваат јужните членки на Европската унија Италија и Грција, во кои бегалците влегуваат први. Предлогот наиде на жесток отпор кај некои земји-членки, особено во Полска, Унгарија и Словачка.

Според новиот предлог, земјите-членки кои не сакаат да примаат баратели на азил ќе можат да понесат дел од товарот преземајќи го враќањето на илегалните мигранти во земјите од каде што дошле.