ЕК: Текстот на договорот за роаминг меѓу операторите од ЕУ и од Западен Балкан

11

Мобилните оператори од Западен Балкан и ЕУ денеска во Тирана потпишаа договор за намалување на трошоците за роаминг, објавено е на веб-страницата на Европската комисија.

Потписници се „А1 Телеком“ во Србија и Северна Македонија, „БиХ Телеком“, Групата „Дојче Телеком“, косовскиот „Телеком“, Групата „Оранж“, Групата „Телеком“ Србија и „Јетел“ Србија.

Потписниците на договорот се обврзуваат да започнат со воведување на тие мерки од 1 октомври 2023 година. Секој од операторите ќе размисли за воведување „пониски тарифи само за роаминг на податоци за своите корисници во роаминг на други мрежи“, се вели во договорот.

„Горната граница на малопродажната цена ќе биде договорена меѓу потписниците и ќе биде објавена најдоцна до 1 мај 2023 година. Првото значително намалување на цените на податоците во роаминг ќе стапи на сила на 1 октомври 2023 година, со почетна цена по гигабајт за купена количина во согласност со важечките прописи за конкуренција“, се вели во договорот.

Интеграцијата на регионот на Западен Балкан, се посочува, е „клучен двигател“ на политичката, економската и социјалната интеграција, а тоа подразбира зголемена мобилност.

Во Договорот се наведува и дека потписниците постепено ќе воведуваат тарифи и опции за намалување на трошоците за роаминг во двете насоки.

Првиот чекор е веќе направен во последниве години со намалувањето на цените за роаминг, а понатаму тоа треба да доведе до тарифи кои ќе овозможат комуникација „како дома“.