ЕПП ја продолжи суспензијата на партијата на Орбан на неодредено време

5

Најголемата политичка групација во ЕУ, Европската народна партија (ЕПП), реши да ја продолжи суспензијата на владејачката партија во Унгарија, Фидес, на неодредено време. Поголемиот дел од лидерите на партиите на ЕПП кои се собраа во Брисел за годишно политичко собрание го поддржаа предлогот на претседателот на ЕПП, Доналд Туск, за продолжување на суспензијата на партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан поради загриженоста за владеењето на правото и острата анти-бриселска реторика.
Медиумите од Брисел јавија дека во дебатата во понеделникот поголем број членки на ЕПП, вклучително и Доналд Туск, барале Фидес да се исфрли од групацијата. Тоа наишло на силен отпор од централно-десничарските партии од Словенија, Франција и Шпанија и од баварската ЦСУ. Еден од најжестоките бранители на Орбан е лидерот на словенечката партија СДС, Јанез Јанша. Туск во говорот истакнал дека ситуацијата со Фидес се влошила од суспензијата минатиот март.
Нема сознанија каков став искажале претставниците на ВМРО-ДПМНЕ на состанокот, на кој немало гласање, туку само искажување мислења. ВМРО-ДПМНЕ и Фидес имаат исклучително тесна соработа. Според претставници кои присуствувале на состанокот тој речиси целосно поминал во дебатата околу судбината на партијата на Орбан. Во најавата што ја испрати ВМРО-ДПМНЕ за учеството на состанокот се велеше дека „Политичкото собрание ќе стави примарен фокус на внатрешните процеси во ЕПП, како и состојбите во Европската унија пост-Брегзит. Се очекува претставниците на најмоќното политичко семејство во ЕУ да се осврнат и на иднината на процесот на проширување“.