ЕП: Македонија по триумф против Австрија за пласман во втората фаза

17

Ден „Д“ за најдобрата машка ракометна репрезентација на Македонија на Европскиот шампионат 2020.

Македонскиот национален тим вечерва од 18-15 часот против еден од кодомаќините на првенството Австрија го игра одлучувачкиот дуел на шампионатот за пласман во следната рунда на Еуро 2020.

Црвено жолтите вечерва во сигурно полната „Штадхале“ со поддршка од навивачката фаланга ќе бркаат победа со плус два гола разлика против досега непоразената Австрија.

Селекторот Брестовац и одлучувачкиот натпревар од првата рунда реши да ги игра со истите 16 ракометари кои ги одиграа средбите против Украина и Чешка во кои остваривме половичен успех.

Нашите најдобри ракометари вечерва во Виена се без право на грешка, пораз не носи назад во Македонија ,а триумф од два гола разлика ни обезбедува место во следната рунда. За реми или победа од еден гол потребен ќе биде многу математика.

Сите комбинации како Македонија да го продолжи престојот на ЕП 2020:

-Победа на Австрија од најмалку два гола

-Победа над Австрија со еден гол разлика со тоа што ќе мораме да дадеме повеќе од 31 погодок

-Победа над Австрија од 31-30 и Чешка да не ја победи Украина со повеќе од еден гол

-Победа над Австрија од 31-30 и Чешка ја победи Украина со 26-25 и потоа ждрепката да биде на наша страна

-Победа над Австрија и Чешка да не ја победи Украина

-Да не загубиме од Австрија и Чешка загуби од Украина.

Но, Лазаров, Стоилов, Манасков и останатите велат дека ќе се оди на најсигурната варијанта, да се победи Австрија со два гола и да се чекира местото меѓу 12-те најдобри на шампионатот.

Добрата и цврста игра во одбрана повторно ќе биде клучна за конечниот исход. Ристовски и Митревски вечерва мора да бидат многу подобри од натпреварот со Чешка, а Лазаров, Манасков и Стоилов ќе мора да добијат поголема поддршка во нападот од Талевски, Кузмановски, Пешевски…, влогот е уште еден пласман во втората фаза на еден европски ракометен самит.