Ердоган: Дојде време за расправа за нов устав на Турција

18

Турција – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека е време повторно да се разговара за новиот Устав на Турција, јави агенцијата Анадолија.

Ердоган на прес-конференција по вчерашниот состанок на Кабинетот во Анкара рече дека оној кој тврди оти на Турција не ѝ се потребни реформи, тој не упатен ниту во однос на Турција, ниту светот, ниту во општеството.

– Можеби сега повторно дојде време за дебата за нов Устав на Турција, потенцира Ердоган.

Тој исто така рече дека наскоро со јавноста ќе сподели сеопфатна студија за реформските пакети, вклучувајќи ги филозофијата, целите, задачите и активностите, инфомира Анадолија.

Говорејќи за самиот процес на изготвување на новиот Устав, Ердоган порача дека тој треба да биде „спроведен на транспарентен начин, а крајниот текст да биде презентиран пред народот.“

Ердоган додаде дека ако постигнат договор со партнерот во рамките на Народната алијанса, која се состои од Партијата на правдата и развојот и Партијата на национално движење, во наредниот период можно е да се преземат мерки за изготвување на нов Устав.

Турскиот претседател рече дека е одлучено во Турција од 15 февруари да се отворат училиштата во руралните места, а од 1 март постепено и училиштата во градовите.

Нагласи дека паралелно ќе се следи епидемиолошката состојба и дека во училиштата во руралните средини, во регионите каде што ќе дојде до евентуално зголемување на бројот на случаи на коронавирусот, ќе може да се прекине наставата.

Според Анадолија, тој потсети дека меѓународните анализи покажуваат дека меѓу земјите од групата Г-20, Турција и Кина може да ја затворат 2020 година со позитивен раст.

– Почнавме да работиме на воспоставување постројка за лансирање микросателити, наскоро во вселената ќе испраќаме наши сателити и сателити на нашите пријатели. Решени сме од нашата земја да направиме бренд во вселенските и сателитските технологии кои имаат широка примена, од комуникациите до енергетиката, од заштитата на животната средина до одбранбената индустрија, рече, меѓу другото, Ердоган.