Ердоган за конфликтот со Грција: Мораме да ги намалиме тензиите

23

Турција и Грција се спремни да почнат „подготвителни преговори“ околу нивниот спор во источното Средоземно Море, објави кабинетот на турскиот претседател.

На видео-конференцијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, учесниците кажаа дека „Турција и Грција се спремни да почнат подготвителни преговори“ за источното Средоземје каде двете земји се борат за област потенцијално богата со природен гас.

Ердоган на средбата кажа дека „со меѓусебни мерки мора да се намалат тензиите и да се искористат каналите за дијалог“.

Турскиот претседател во петокот кажа дека е спремен да се сретне со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и да разговара со него, ако Атина „покаже добра волја за решавање на кризата“.

Првиот круг подготвителни преговори чија цел е да стават крај на тензиите во источното Средоземје беше одржан во 2016 година.

Турција и Грција, двете членки на НАТО, се борат за борат за потенцијални наоѓалишта на нафта и гас во источното Средоземје, во областа за која Атина смета дека е во нејзина надлежност.

Турција на 10 август испрати истражувачки брод, придружуван од воени бродови, во водите меѓу Грција и Кипар.

За кризата ќе се разговара и на европскиот самит кој беше одложен од 24 и 25 септември на 1 и 2 октомври, а неколку европски земји ѝ се закануваат на Турција со санкции.