Ердоган смета дека е време за предлогот за две држави на Кипар

8

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави вчера дека е време да се разговара за реалниот предлог за решението на „две држави“ на поделениот остров Кипар.

Тој истакна дека параметрите на актуелните разговори не се одржливи.

Зборувајќи на конференција за медиумите со претседателот на кипарските Турци Ерсин Татар во Анкара, Ердоган кажа дека пристапот на кипарските Грци ги блокирал претходните обиди за наоѓање решение, пренесува Ројтерс.

„Мора да се сфати дека според актуелните параметри не може да се дојде до резултат во преговарачкиот процес кој трае повеќе од половина век“, кажа Ердоган.

„Во оваа фаза веруваме дека почнувањето разговор врз основа на федерација ќе биде губење време. Затоа веруваме дека решението на две држави сега мора да се изнесе со реален предлог“, додаде турскиот претседател.

Претходно месецов Северен Кипар делумно го отвори градот Вароша, оградено одморалиште напуштено на ничија земја по турската инвазија во 1974 година, што го критикуваа Соединетите Американски Држави, Грција и кипарските Грци.

Ердоган, кој најави дека ќе го посети северен Кипар на 15 ноември, кажа дека сака да оди на излет во Вароша.