ЕУ го изневери Западен Балкан, рече Хрватска преземајќи го претседателството

20

Хрватска ја искритикува одлуката да не се почне формален дијалог со Албанија и Северна Македонија, вели Гардијан.

Одбивањето на Европската Унија да ги почне преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија остави чувство на предаденост на Западен Балкан, вели Хрватска, која на 1 јануари го презеде ротирачкото претседателство на блокот.

Гордан Грлиќ Радман, министерот за надворешни работи на Хрватска, која во 2013 година стана последната земја што ѝ се приклучи на Европската Унија, се сомнева дека одлуката на лидерите на ЕУ на самитот во октомври, предводена од Франција и поддржана од Данска и Холандија, била правилна и фер.

Земјата, која првпат го презема претседателството на ЕУ, се обидува да го оживее европскиот сон на Северна Македонија и Албанија, вели Гардијан.

Северна Македонија се надеваше дека ќе добие одобрение за отворање преговори за членство откако го реши 30-годишниот спор со Грција за името. Албанија, која поднесе барање за влез во ЕУ во 2009 година, исто така се надеваше дека ќе ги почне формалните преговори. Преговорите за членство меѓу овие земји и ЕУ би траеле со години.

И на двете држави во 2003 година им беше кажано дека нивната иднина е во ЕУ, но многугодишната криза и внатрешните поделби во блокот, како и слабеењето на владеењето на правото во некои земји-членки, го намалија апетитот за повеќе членки.

Радман рече дека Северна Македонија ги исполнила сите предуслови. „Значи дали ова е правилно и фер? Тие вложија големи напори“, рече тој осврнувајќи се на историскиот договор за промена на името на земјата, направен со претпоставка дека ќе следува членство во ЕУ и во НАТО.

„Народот во Северна Македонија не беше задоволен со ваквата промена на името… И потоа дојде студениот туш. Тие загубија од сите страни, се чувствуваат предадено“.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, рече дека договорот „е мало чудо во овој дел од Европа и треба да се негува“. Тој рече дека хрватското претседателство може да биде добра шанса дискусијата да се врати на вистинскиот пат.

Хрватска се надева дека лидерите на ЕУ можат да постигнат договор за реформа на нејзиниот процес на проширување во март, пред самитот меѓу ЕУ и шесте земји од Западен Балкан во мај.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, инсистира дека процесот на проширување на ЕУ треба да биде преиспитан и да се вклучи одредба според која од земјите ќе може да се бара повторно да се враќаат во претходните фази доколку има заостанување на обврските кон владеењето на правото.

Радман рече дека Хрватска ќе биде искрен посредник, но праша и дали е фер да се менуваат правилата за земјите што ги почнале преговорите според постојниот систем, како што се Србија и Црна Гора. „Не може да ги менувате правилата за време на играта“, рече тој.

„Отворањето на преговорите за пристап ништо не ја чини Европската Унија“, тврди Радман, аргумент што Макрон го отфрли. „Само да се почнат преговорите: се разбира дека тоа не значи дека тие утре ќе станат членки“.

Одлуката од лидерскиот самит да не се почнат преговорите за пристап лидерите на институциите на ЕУ ја прогласија за „историска грешка“.

Критичарите на пристапот на Макрон укажуваат на зголеменото влијание на Кина, Турција и Русија на Западен Балкан и велат дека, ако се повлече, ЕУ ќе овозможи други играчи да влезат во играта.

„Сега почна сериозна дебата, но расположението во регионот е многу депресивно. Постои генерална загриженост дали проширувањето ќе продолжи или дали ќе има понатамошни пречки на секој чекор“, рече Флоријан Бибер, политички научник на Универзитетот во Грац.

Руслан Стефанов, директор во Центарот за проучување на демократијата во Софија, рече дека Макрон има поента, дека ЕУ треба да го третира проширувањето како политички, надворешнополитички предизвик, а не како технички процес. „Постои силен политички агол кон овој пристапен процес и за тоа е потребна многу поодговорна надворешна политика од страна на ЕУ“.

Ова значи, рече тој, дека делегациите на ЕУ во западнобалканските земји-кандидати треба да бидат гласни „на дневна основа“ доколку некоја влада не ги исполнува своите ветувања. „Ако се случи нешто што не е во согласност со она што треба да се случи, тогаш треба да кажеме. Не треба да чекаме да го кажеме ова по шест месеци во извештај. Треба да го кажеме во локалните вести.“

Тој рече дека ниту Северна Македонија ниту Албанија не можат да сметаат на добивање дозвола во првиот дел од годината, наведувајќи го проблематичниот француско-германски однос. Германија останува силен поборник на проширувањето на ЕУ на Балканот, но не успеа да ја убеди Франција во тоа. „Не видов хемија помеѓу Берлин и Париз за ова по т.н. историска грешка“, рече Стефанов. „Не видов порамнување на ѕвездите, не видов многу практична работа“.

Бибер рече дека Хрватска е поддржувач на пристапувањето на Албанија и Северна Македонија, но предупреди дека земјата „има своја агенда кога станува збор за Босна и нејзините тензии со Србија, така што во тој поглед има проблеми со соседите што не го олеснуваат промовирањето на проширувањето“.

Хрватска во своето залагање за проширувањето ќе ја има поддршката од Виктор Орбан, крајнодесничарскиот премиер на Унгарија, вели Гардијан. Унгарецот Оливер Вархели е одговорен за портфолиото за проширување во новата комисија на ЕУ, а Орбан долго време беше застапник за проширувањето, залагајќи се ЕУ да прима земји без од нив да бара демократија и владеење на правото.

„Многу е важно во наредниот период оние од нас што сакаат проширување да им ја дадат на овие земји нашата поддршка“, рече Орбан во едно неодамнешно интервју за хрватските медиуми. „Хрватите и Унгарците се согласуваат дека Европската Унија треба што е можно побрзо да прими што е можно повеќе земји, според еднакви стандарди. Ова не само што ќе им користи ним, туку и на Хрватска, Унгарија и воопшто на европската безбедност“.