ЕУ денеска преку видео конференција одлучува за почетокот на преговорите со Северна Македонија

20

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска преку видеоконференција, со почеток во 12:00 часот, треба да ги одобрат заклучоците финализирани на амбасадорско ниво со кои се дава зелено светло за отпочнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Како што објави МИА вчера, сите 27 земји членки, по макотрпни преговори, се согласиле дека предложената обновена методологија на Европската Комисија за пристапните преговори е задоволувачка и дека реформскиот прогрес на Северна Македонија е доволен за да се отворат преговорите за членство во Европската Унија.

Меѓувладината конференција го означува формалното отворање на поглавјата, а претходно Европската Комисија треба да изготви преговарачка рамка, која исто така треба да биде усвоена од страна на земјите членки.

Заклучоците предвидуваат отворање на преговорите и со Албанија, но за оваа земја се додадени низа услови за отворање на првата меѓувладина конференција.
Дипломатите во Брисел објаснуваат дека оваа разлика се должи на ставовите на земјите членки.

Не се очекуваат лоши изненадувања во однос на усвојувањето на заклучоците денеска, иако поради октомвриското разочарување сите дипломати остануваат внимателни. Преговорите помеѓу земјите членки се финализирани на амбасадорско ниво, затоа што министрите одбиваат да преговараат преку видеоконференција.

Откако ќе се усвои одлуката се отвора писмена процедура за нејзино формално одобрување од страна на сите земји членки, со што одлуката стапува на сила. Овој процес може да трае најдоцна до крајот на неделата, кога се одржува и самитот на лидерите на ЕУ, кои пак ќе дадат и политичка согласност.