ЕУ побара Србија и Косово да ја смират запаливата реторика, Брнабиќ ѝ порача дека е лицемерна

6

Српската премиерка Ана Брнабиќ, денеска во реакција на соопштението на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) во кое таа ги повика лидерите на Белград и Приштина да се воздржат од запалива реторика, побара од Брисел „да престане со лицемерството“ и оцени дека ЕУ не го направи својот дел во спроведувањето на Бриселскиот договор и формирањето на Заедницата на српските општини.

„Гледајќи ја оваа изјава на ЕЕАС, некој би помислил дека денес е 1 април, а не 14 август. Тоа мора да е некаква (многу несолена) шега. 175 дена Курти провоцира оружен конфликт со Србите. И тоа во година која ќе остане запаметена како година во која Косово на истите тие Срби им ги одзеде најосновните човекови права – со тоа што им забрани да гласаат. Освен бескорисна писмена изјава, ЕУ во оваа пригода не направи апсолутно ништо“,напиша Брнабиќ на Твитер, пренесува Н1

Таа во пораката додаде дека не се согласува со обвинувањата од ЕУ и дека српскиот претседател Вучиќ и Србија се залагаат за мир и стабилност.

Вели дека и по десет години од потпишувањето на Бриселскиот договор, ЕУ едноставно не може да го спроведе.

„Ако ЕУ го стореше својот дел – да го обезбеди спроведувањето на Бриселскиот договор и ги гарантираше основните човекови права на Србите во Косово – работите денес ќе изгледаа многу поинаку. Затоа, ве молам, престанете со лицемерството“,напиша Брнабиќ на Твитер.

Реакцијата на Брнабиќ следува по соопштението од ЕЕАС во кое се вели дека неодамнешната ескалација на запалива реторика меѓу претставниците на Косово и Србија, особено најавите за војна и конфликт во Западен Балкан, се многу загрижувачки.

„Високите политичари од двете страни ќе бидат одговорни за каква било ескалација што би довело до зголемени тензии и можно насилство во регионот. ЕУ очекува двајцата лидери да разговараат за овие проблематични теми на следниот состанок на високо ниво, кој на 18 август го свика високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел, меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти“,се вели во соопштението.

Оттаму додаваат дека сите отворени прашања треба да се решаваат со дијалог за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, со посредство на ЕУ.

Исто така, се посочува дека постигнувањето на сеопфатен правно-обврзувачки договор за целосна нормализација на односите во контекст на дијалогот со посредство на ЕУ бара клима погодна за повторно воспоставување доверба, помирување и добри односи, при што претходните договори ќе бидат почитувани и целосно имплементирани и таму каде што нема простор за акции и изјави кои не се компатибилни со севкупниот интерес и стратегиските цели на регионот.

„ЕУ, вклучително и нејзината цивилна мисија ЕУЛЕКС, останува во тесна координација со КФОР и меѓународните партнери, особено со САД“,се додава во соопштението.

Неодамна имаше неколку запаливи изјави на високи политичари од Белград и Приштина, предизвикани од одлуката на Косово да започне со спроведување на реципроцитетни мерки со Србија кога се во прашање регистарските таблички и личните документи. Поради притисокот на меѓународната заедница, тој беше одложен, а српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека ситуацијата за Србите на Косово никогаш не била покомплицирана, барајќи од Албанците, меѓународната заедница и Србите од Косово да го зачуваат мирот.

Косовскиот премиер Албин Курти во интервју за Ројтерс на 10 август изјави дека би било неодговорно да се исклучи можноста за зголемување на тензиите и нови конфликти, имајќи ја предвид, како што рече, агресивната политика на Белград.