ЕУ подготвена да го забрани увозот на руската нафта, Унгарија и Словачка ќе бидат исклучок

0

Европската Унија денеска треба да ѝ изрече нови санкции на Русија, вклучувајќи план за постепено откажување од руската нафта до крајот на годината. Ова ќе биде голем потег, имајќи предвид дека блокот увезува 26% од својата нафта од Русија, при што некои држави се далеку позависни од неа од другите.

Последното првенствено се однесува на Унгарија и Словачка, кои најавија дека нема да се придружат на ембаргото на руските енергенси. Дипломатите од Брисел велат дека бил постигнат договор двете држави да бидат исклучени од ембаргото. По првичната резервираност, и Германија кажа дека ќе ја поддржи забраната за увоз на руската нафта.

Од почетокот на војната во Украина на 24 февруари, Европската Унија платила 47 милијарди евра за руските нафта и гас, што значи дека Русија би можела да остане без значаен извор на приходи.

Шефот за надворешната политика на ЕУ, Хосеп Борел, кажа дека шестиот пакет санкции ќе погоди и некои руски банки и оние кои шират дезинформации.

Како одговор на западните санкции, Владимир Путин вчера потпиша декрет со кој Русија може да прекинува договори и извоз на производи и сурови материјали, што ѝ дава моќ да предизвикува хаос на пазарот. Тој ѝ нареди на владата во рок од десет дена да состави листа на поединци и субјекти на кои би се однесувале овие санкции.