Жалбите не го одмрзнаа замрзнатиот имот во ,,Империја”

1

Од Кривичниот суд информираат дека имотот замрзнат во случајот “Империја” и понатаму останува замрзнат, што значи дека се одбиени жалбите кои ги поднеле компаниите “Дивелоп груп” и Бест Вејт Инвестмент”.

-Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалби на правните лица Дивелоп груп ДОО Скопје и Бест Вејт Инвестмент ДООЕЛ Скопје, изјавени против шест решенијата на судии на претходна постапка, а поврзани со истрагата на ОЈО ГОКК за предметот познат како „Империја“, на 20.04.2022 година одржа седница на која по извршен увид во списите и ценејќи ги фактите приложени во жалбите донесе решенија со кои жалбите се одбиваат како неосновани, а решенијата од претходна постапка се потврдуваат во целост, велат од Судот.

Оттаму додаваат дека минатата недела судиите од одделот на претходна постапка, постпаувајќи по предлог на надлежниот Јавен обвинител, донесоа решенија со кои се изрекa мерки- Одземање на имот.

– удел на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги ДИВЕЛОП ГРУП ДОО Скопје што го поседува во правното лице Хотел Гранд М ДООЕЛ Скопје
– удел на физичко лице од 67,5% што го поседува во правното лице Друштво за производство, трговија и услуги ДИВЕЛОП ГРУП ДОО Скопје
– удел – основачки влог од 32,5% што го поседува правното лице – Друштвото за градежништво, трговија и услуги БЕСТ ВЕЈ ИНВЕСТМЕНТ ДООЕЛ Скопје во правното лице Друштво за производство, трговија и услуги ДИВЕЛОП ГРУП ДОО Скопје;
– недвижен имот евидентиран на правното лице – Друштво за трговија и услуги БИЗНИС ПРОПЕРТИ ИНВЕСТМЕНТ ДООЕЛ Скопје во вредност од 58.282.500,00 денари согласно книговодствената вредност и тоа апартмани со вкупна површина од 720 м2 и гаражи со вкупна површина од 92 м2.
– хартии од вредност (7213 акции) што правното лице Друштво за производство, трговија и услуги ЕКСИКО ДООЕЛ Скопје, ги поседува во Стопанска Банка А.Д. Битола по номинална вредност од 3.000,00 денари по акција или во вкупна вредност од 21.639.000,00 денари и
– недвижниот имот – деловен простор во градба лоциран на Плоштад Македонија и евидентиран во лист за предбележување издаден на носителот на правото на сопственост Друштво за производство, трговија и услуги СИС ИНВЕСТ ГРУП ДООЕЛ Скопје во површина од 566,41 м2 во вредност од 1.699.241 евра.

Како што дознаваме, заплената продолжила и во наредните денови, при што е запленет имот за кој обвинителството тврди дека е во сопственост на Мијалков.

Овој случај го води обвинителката Лиле Стефанова.

Освен Орце Камчев и Сашо Мијалков, во овој случај осомничени беа и Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Истрагата заврши пред неколку дена, а наскоро ќе биде познато и кој ќе се најде на листата на обвинети.