Жбогар: Новиот документ за пристап е „вин-вин“ за ЕУ и за кандидатите

14

Новата Методологија за почеток на преговори е „вин-вин“ ситуација што се однесува како за земјите кандидати, така и за самата Европска унија, рече во денешната изјава за новинарите евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Како што појасни тој, процесот на проширување претставува стратешка инвестиција за Унијата и придонесува за нејзина стабилност и обединетост, додека за регионот тоа е реафирмација дека единствено полноправното членство е целта на пристапниот процес.

„Целта на документот е да го забрза пристапниот процес кој во последно време изгуби малку енергија, од двете страни. Целта е и повторно да се воспостави довербата помеѓу земјите членки и кандидатите, која минатите години е исто така нарушена“, рече Жбогар и додаде:

„Целта е да се донесе и повеќе чесност и искреност на патот по кој заедно се движиме. За кандидатите тоа значи дека кога велат оти прават реформи тоа да значи дека тие навистина го реформираат општеството, а не само да ги усвојат законите, а од наша страна чесност и искреноста е дека кога се зборува за членство во ЕУ, да значи дека патот навистина води кон ЕУ“, рече Жбогар.