Животот на 40 отсто Индијци е за 9 години пократок поради загадувањето

31

Очекуваниот животен век на околу 40 проценти од Индијците најверојатно ќе биде пократок за повеќе од девет години поради загадувањето на воздухот, вели извештај на американските истражувачи.

Повеќе од 480 милиони луѓе што живеат во огромни делови на централна, источна и северна Индија, вклучувајќи го и главниот град Њу Делхи, страдаат од значително високо ниво на загадување, објави денеска Институтот за енергетска политика на Универзитетот во Чикаго (ЕПИК), пренесува Ројтерс.

Според истражувачите, особено е загрижувачко тоа што високото ниво на загадување на воздухот во Индија географски се проширило со текот на времето, и како пример се наведува дека квалитетот на воздухот е значително влошен во западната држава Махараштра и централната држава Мадја Прадеш.

Пофалувајќи ја Националната програма за чист воздух на Индија (НЦАП), покрената во 2019 година за да го запре растот на опасното загадување, извештајот на ЕПИК наведува дека „постигнувањето и одржувањето“ на целите на НЦАП ќе го зголемат вкупниот животен век на земјата за 1,7 години, а во Њу Делхи за 3,1 години.

Целта на НЦАП е да го намали загадувањето во 102 најтешко погодени градови за 20-30 проценти до 2024 година, преку обезбедување на намалување на индустриските емисии и издувните гасови од возилата, како и воведување строги правила за транспорт на гориво и согорување на биомаса и намалување на загадувањето од прашина.

Во 2020 година Њу Делхи, трет пат по ред, беше најзагадениот главен град во светот, според Ајкју ер, швајцарска организација што го мери нивото на квалитетот на воздухот врз основа на концентрацијата на честички во воздухот што ги оштетуваат белите дробови, познати како ПМ 2,5.

Според наодите на ЕПИК, соседен Бангладеш исто така може да го зголеми животниот век за 5,4 години доколку земјата го подобри квалитетот на воздухот до нивото препорачано од Светската здравствена организација.