Заев: Администрацијата со плата од 14.500 денари во април и мај

32

Државата планира задолжување со 600 милиони евра за одржување на ликвидноста на буџетот во битката со финансиските штети од коронавирусот. Владата ќе побара 400 милиони евра заем од странски банки до издавање на еврообврзницата. Овој заем ќе биде со рок на доспевање од 12 месеци со каматна стапка под 2.75 и ќе се отплаќа со средствата кога ќе биде издадена новата еврообврзница.

Дополнителни 87 милиони да се повлечат од ММФ, а од 100-120 милиони евра од Светска банка. Со овие пари, вели министерката за финансии Нина Ангеловска, дури и во најцрното сценарио ќе бидат обезбедени средства за финансирање на покрупни мерки за стопанството и заштита на работните места.

„Во услови на намалена економска активност, согласно тоа овој шок очекуваме дека ќе биде најголем во вторниот вартал од годината. Во третиот кварта се зборува за одреденастабилизација и опоравување, а во 4 да имаме комплетно опоравување и да може да се очекува и раст. Тешко е да се предвиди како годината ќе заврши и ќе се движи“, вели Ангеловска.

Со вториот сет на мерки кои Владата планира да ги објави наскоро, вели Ангеловска, фокусот ќе се стави на тоа да нема отпуштања од работните места во стопанството. На прашањето на Алсат, дали мерките ќе може да ги користат и фирмите кои важат за загубари и кои ќе бидат критериумите за финансиска поддршка, таа рече дека допрва ќе се објават. Министерството за финансии нема анализа колку работни места досега се изгубени и колку ќе се соочат со овој проблем во иднина и дали веќе се забележува намалување на платите.

„Јавноста ќе биде информирана за точно како ќе се трошат средствата, мерките ќе бидат презентирани, тогаш ќе може да се одговори на прашањата колку секоја мерка го чини буџетот, како е финансирана. Во овој момент, анализите не ги насочуваме на колку работни места ќе бидат загубени, туку ги креираме и насочуваме за секое работно место го заштитиме и зачуваме и секој еден граѓанин да не остане без приходи“, додава Ангеловска.

Додека министерката Ангеловска денеска не откри ниту еден конкретен чекор за каде и во колкава мера ќе се лоцира помошта, Зоран Заев од позиција на претседател на СДСМ, по нејзината прес-конференција, објави сет на мерки кои ќе ги достави до Владата на усвојување. Економскиот пакет на мерки кои ги предлага владејачката партија, најавуваат обезбедување минимални плати за вработени во сите фирми погодени од кризата за месеците април и мај. Фирмите кои ќе аплицираат за помош ќе мора да имаат ист број вработени како и пред кризата, но помош нема да има за оние чија плата е над 39.000 денари. Но, со кратење на платите ќе се соочи јавниот сектор на државно и локално ниво, рече Заев.

„Месечен надомест и за граѓаните кои што останале без работа поради кризата во висина од 50 насто од просечната плата на работникот. Сите функционери и раководители одат на минимална плата. Сите избрани и именувани функционери и раководители на државно и локално ниво, пратеници, премиер, вицепремиери, минисри, градоначалници, директори, раководители судии и обвинители ќе земаат минимална плата од 14.500 денари за месеците април и мај. Сите вработени во јавниот сектор одат во минимална плата“, вели Заев.

Дополнително, СДСМ предлага членовите на управните одбори и комисии да не земаат никакви надоместоци за овие два месеци. Законот за извршување се запира до крајот на јуни, а одложувањето на ратите за кредитите за граѓаните и фирмите за три месеци. Заев рече дека за банките тоа е прифатливо. Како вонредна мерка, рече Заев ќе се забрани фирмите да одат во стечај за време на кризата. Помош се предвидува и за сите медиуми кои ќе добијат по минимална плата за секој вработен за април и мај во висина од 14.500 денари.

Тоа истото важи и за сите спортски работници и за самостојните уметници. За пензионерите, бремените жени и лицата со попречност, од СДСМ ќе предложат да може да купуваат во продавници само од 7 до 10 часот наутро.