Заев: Блокирањето на клучни закони во Собранието може да ги одложи изборите

4

Евентуално блокирање на донесувањето на суштински закони во Собранието би можело да предизвика одложување на терминот за избори, рече на денешната прес конференција во Владата премиерот Зоран Заев. Како што кажа Заев, дел од предложените закони во Собранието се усогласувања со прекршочните казни, но оти меѓу нив има и некои од поголема важност за државата.

„Голем дел од законите се усогласување со прекршочните казни и верувам дека тој дел може да помине и во јануари и во февруари. Суштинските закони, ако предизвикаат кочење на пензии, на социјалните трансфери, на покачувањето на платите, на сето она што живот значи за граѓаните, тогаш изборите може и да се одложат“, рече Заев.

Инаку вчера половина час претседателот на Собранието, Талат Џафери ги чекаше пратениците од опозицијата да се вратат во пленарната сала за да продолжи утврдувањето на дневниот ред по 126. седница на која се ставени 124 точки. Откако се собраа во салата, пратениците повеќе од четири часа не можеа да го усвојат дневниот ред на седницата. Кога претседателот Џафери ги прочита предлог-законите предвидени за расправа, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се јавуваа за збор со предлози за измени на дневниот ред, но ниту еден од предлозите не беше усвоен.