Заев: Верувам дека успеавме да ги убедиме граѓаните за поддршка на коалицијата „Можеме“

18

Ова беа многу поразлични избори од кои било други досега, но не се помалку важни. И тоа како се важни, бидејќи од резултатите ќе знаеме на која позиција сме како држава и, секако, каков ќе биде животот на граѓаните во наредните четири години. Верувам дека со нашата позитивна и промотивна кампања успеавме да ги осигураме и да ги убедиме граѓаните дека коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ е таа која ја очекува најголемата поддршка, рече лидерот на СДСМ и носител на кандидатската листа во изборната единица број 4, Зоран Заев, кој заедно со сопругата Зорица денеска гласаа на избирачкото место 1730 во Струмица.

Според него, државните институции покажале капацитет за организирање на вакви специфични избори, со почитување на сите здравствени протоколи кои треба да им овозможат на граѓаните да излезат и да го дадат својот глас за да може да се продолжи напред по патот по кој треба да чекорат граѓаните и земјата. Додаде дека е голема чест и одговорност добивањето на гласот од граѓаните за следниот период.

„Верувам дека таа чест и одговорност ќе ја употребиме максимално во интерес на граѓаните заради тоа што со таквата одлука зависи кој ќе води грижа за здравјето на граѓаните, кој ќе ги отвора и затвора поглавјата со Европската Унија, но уште поважно е кој ќе се грижи за економскиот раст и развој на сите граѓани во Северна Македонија. Јас сум убеден дека таа посебна чест и одговорност, во времето во кое живееме, е неповторлива шанса, зашто ни се отворени сите патишта пред нашата земја, дека ќе успееме да ја искористиме за доброто на сите граѓани“, потенцираше Заев.

На новинарско прашање дали очекува разлика во излезноста поради пандемијата, претседателот на СДСМ одговори дека очекува многу мал процент на намалување.

„Верувам дека дадовме сериозен придонес во осигурување на безбедноста при гласањето. Граѓаните веќе го докажуваат тоа. Еве јас гласам во 10:30 часот и процентот наутро е одличен и верувам дека таквиот процент ќе продолжи, заради тоа што го дава конечниот идентитет и кредибилитет и на парламентот и на идната македонска влада. Јас сум убеден дека граѓаните излегувајќи ја чувствуваат и својата одговорност да можат да го определат патот, правецот по кој што ќе продолжи да се движи нашата земја. Патот е тој-правиот пат, исправниот пат и верувам дека ќе се задржиме до него“, додаде Заев.