Заев во ноември на средба со Борисов во обид да ги доближи позициите со Бугарија

11

Македонскиот премиер Зоран Заев на почетокот на ноември заминува за Софија во рамки на македонско-бугарското копретседавање со Берлинскиот процес 2020, каде ќе има средба со неговиот бугарски колега Борисов, на која се очекува да се постигне одредено приближување на позициите.

По неуспешната дводневна средба на Мешовитата комисија за историски прашања меѓу Македонија и Бугарија продолжува дипломатската и експретска битка за тоа кој од чија историја што украл. односите меѓу Македонија и Бугарија. Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров викендов изјави дека Македонија нема да го жртува идентитетот и македонскиот јазик за да ги почне преговорите и дека е можно заедничката меѓувладина конференција со ЕУ да не се одржи, и покрај интензивните напори да се постигне договор. Од друга страна, вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачановизјави дека Германија ѝ врши силен притисок на Бугарија, но тие нема да „ѝ свртат грб на 1.000 години историја“.

Заев изјави дека сака да ја посети Бугарија и дека не случајно неговата прва официјална посета од соседните земји ќе биде на Бугарија. „Заради пријателството, заради тоа што првиот мандат почна така и верувам дека големи успеси на државата се прокнижија во целиот овој период и верувам дека тоа ќе се случи“, рече Заев и нагласи дека кога ќе има излезни решенија со Бугарија веднаш ќе бидат соопштени.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски побара лидерска средба и го повтори тврдењето дека Бугарија на Македонија ѝ побарала нов билатерален договор наместо Договорот за добрососедство од 2017 година, кој би опфаќал и уставни измени. Власта не гледа потреба за средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за недоразбирањата со Бугарија. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека доколку на премиерот Зоран Заев му било важно државата да тргне напред, ќе прифател лидерска средба и ќе разговарал за сите отворени прашања.

„Не гледам потреба од лидерска средба. Особено со човек кој нема став за ниту едно важно, национално или стратешко прашање. Мицкоски не е за договор на која било тема, тој бара начин само како да и наштети на државата, особено на процесите кои не водат кон ЕУ“, изјави вчера премиерот Заев.

„Очекувано беше Зоран Заев да ја одбие иницијативата на претседателот Мицкоски за лидерска средба каде што ќе се разговара за сите важни прашања во државата, бидејќи ќе мора да признае дека Владата и Заев се поразени на сите полиња, надворешен план, здравство, економија, образование, корупција и се останато“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.