Заев: За набавка на вакцините одевме и преку приватни фирми, а и преку „Чајна Пауер“

7

Апсолутно негирам какви било лоши намери и незаконски дејствувања при набавка на вакцините, имавме писма за интерес преку повеќе приватни компании, не само во Кина за граѓаните час поскоро да ги добијат акцините, а одеме и преку џиновската „Чајна пауер“, изјави премиерот Зоран Заев во врска со пишувањата на италијанскиот весник „Ла Верита“ дека македонските власти посредувале во разговорите со кинеската комппанија „Синофарм““ преку фантомска фирма во Хонг Конг што било причина Кина да не ни даде вакцини.

За набавка на кинеските вакцини, рече Заев, сепак се одлучило да се оди преку кинеската амбасада и кинеското МНР.

– По сите можни канали се обидувавме час поскоро да обезбедиме вакцини, јас, како и министерот за здравство Венко Филипче ја информиравме јавноста дека по две недели, чекање на активности на кинеската амбасада, ние директно преку „Синофарм“ не можевме да добиеме контакт и дадовме нарачки преку приватни компании кои што Министерството за надворешни работи не ги потврди и затоа и авансот беше повлечен. Сега очекуваме нарачките да стигнат преку МНР на Кина и кинеската амбасада – рече Заев кој одговараше на новинарско прашање.

Тој рече дека не ја прочитал утринската вест на Ла Верита, но повтори дека се правеле нарачки и преку приватни фирми затоа што Владата се обидувала на секој начин да најде побрзо вакцини за граѓаните.

– Да, сме правеле нарачки, ни помогна „Пауер Чајна“ која е мајка на фирмата која ги гради патиштата во Северна Македонија. „Пауер Чајна“ e еден од кандидатите за Чебрен, голема компанија, државна сопственост на Кина и од таму се обидувавме покрај амбасадата, се обидувавме преку контактите што ги имаме овде – рече Заев.