Заев: Коалицијата со Беса е историска

15

Коалицијата со Беса е историска и победничка, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по потпишувањето на Декларацијата за заеднички настап на изборите на 12 април со Движењето Беса.

„Нашето општество се менува на подобро, нашиот концепт ‘Едно општество за сите’ го негуваме, а моноетничкиот систем за нас е минато. СДСМ во 2016 привлече 10.000 албански гласачи. Мултиетничкиот концепт го пресликуваме во коалиција со заедничка програма, заеднички капацитети кадровски. Ќе работиме заедно на нашите заложби за подобро општество и обединување, во сферата на економијата, евроинтеграциите… Во нашата заедничка куќа ставаме уште поцврсти темели. Оваа коалиција е историска, победничка и ќе биде најразноликата до сега“, рече Заев.

Тој ѝ честита на Беса кои, како што кажа, се надминале самите себеси и го прифатиле предизвикот заеднички да работат на подобро општество за сите.

„Ние сме сигурни победници на 12 април. Ќе освоиме доволно гласови. Оваа коалиција се потпира на одредбите за спроведување на одредбите од Охридскиот договор, преспанскиот и Договорот од Бугарија. Секој кој размислува како нас е добредојден. За ВМРО додека е на чело Мицкоски нема место. Ги повикувам од ВМРО-ДПМНЕ да си преземат чекори за вистински реформи“, рече Заев.

Тој им порача на другите албански партии дека СДСМ нема да прифати договори и преговори кои се темелат на уцени и пазарења.

„Прифатени ќе бидат оние кои ќе се држат до нашите принципи, до граѓанскиот концепт кој е нашиот основен постулат, да работиме заеднички за иднината на нас и нашите деца“, рече Заев.

Лидерот на Беса, Биљал Касами, рече декаа верува дека заедничкото делување ќе донесе уште подобри резултати.

„Заедно ќе се бориме на патот до ЕУ, за реформите во правосудството, за подобра економоја, да останат нашите деца тука, да живеат во држава која ќе даде еднаква шанса на сите“, рече Касами.