Заев: Можеби уште денеска ќе биде усвоен Законот за попис, пребројување ќе има напролет

46

Граѓаните бараат попис, на државата ѝ треба попис, а ние тоа на пролет ќе го овозможиме – посочи премиерот.

Во овие 100 дена бевме тука за граѓаните. Вака премиерот Зоран Заев ја започна денешната конференција по повод 100 дена Влада.

– Претходеа парламентарни избори во ек на пандемија, а граѓаните слободно го направија својот избор и ја дадоа својата поддршка за нас. Се покажа дека залудни беа заканите на опозцијата дека изборите нема да бидат безбедни. Се покажа дека зад тие закани се криеше намерата да се блокира финансистката помош за граѓаните. Благодарение на тие избори го комплетираме системот на силни институции со полн капацитет кои ефикасно работат за надминување на кризата. Главниот предизвик беше справувањето со пандемијата, го реорганизиравме раковидењето на државата со цел да ги ставиме сите ресурси на располагање. Министерството за здравство аплицираше набавка на вакцини против ковид-19. Набавивме брзи тестови, го зголемивме борјот на болничките капацитети. Пуштени се новите амбуланти и новите ковид-центри – рече Заев.

Премиерот се осврна и на економијата.

– Активиравме политики за рестарт на домашната економија, цели кои си ги поставивме да бидат најважни за Владата. Главниот фокус при ребалансот на буџетот беше за спроведување на антикризните економски мерки. Донесен е четвртиот пакет антикризни мерки од 470 милиони евра. Обезбедивме поддршка за исплата на плати во последниот квартал на државата и ќе бидат поддржани околу 90.000 работни места на нашите сограѓани. Во првите 100 дена се потпишаа нови договори со 39 компании и 10 анекси на договори. Во услови на криза, Владата и економските ресори прават максималнои заложби и ја следат состојбата – истакна Заев.

Како одговорни политичари, додаде тој, се обврзуваме на силна борба за заштита на животната средина.

– Со 70 милиони евра ќе се финансира еколошки чистиот автобуски превоз во Скопје. Донесовме одлука за прогласување на дел од Осоговската планина за заштитен предел. Исто така, донесена е одлука за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје. Овие мерки ќе ги обесхрабрат загадувачите – истакна премиерот.

Вложуваме 54 милиони денари за ангажирање образовни асистенти за секое дете, посочи Заев.

– Овозможуваме секое дете да го развие својот потенцијал, инвестираме во науката затоа што земјава има многу млади луѓе кои имаат што да понудат. Отворени се 5 нови детски градинки, а во тек е изградба на уште 5 градинки. Владата не заборава на ниту една категорија граѓани. Започна изградбата и на социјалните станови. Конечно го изгласавме и законот за спречување и заштите од дискриминацијата. Тука е и законот за недела да биде неработен ден. Институциите мора да бидат во служба на граѓаните. Нашата земја има непроценливо културно наследство и затоа за првпат е обезбеден рекорден буџет за финансирање на културните добра – посочи Заев.

Правдата станува еднакво достапна за сите, додаде тој.

– Предметите подигнати од СЈО продолжуваат да бидат во правна разрешница. Ќе потсетам дека само Мицкоски беше против измените за Законот за ЈО. Тој беше единствениот што застана на браникот на криминалот. Владата преку Министерството за правда го помага усвојувањето на методологијата за филтрација на судството, односно ќе бидат одвоени чесните од нечесните судии и обвинители. Ги разрешивме функционерите кои се обидоа тоа да го направат. Законот за попис деновиве, а можеби и денеска, ќе биде на конечно усвојување на пленарна седница во Собранието. Граѓаните бараат попис, на државата ѝ треба попис, а ние тоа на пролет ќе го овозможиме – посочи премиерот.

Оваа Влада нема никаква вина за ситуацијата со бугарското вето, рече Заев.

– Македонскиот идентитет и јазик не можат да бидат предмет за пазарење. Се надеваме дека штетата што е предизвикана од ова неоправдано вето ќе може да се надомести. Ние нема да дозволиме неуспехот да предизвика застој на внатрешните реформи. Напротив, ќе го засилиме темпото и со уште поголема верба ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома. Ние знаеме дека решението е можно, а знаат и Бугарите. Европа ја носиме дома – истакна премиерот.